Две спротивни читања на пресудите на Европскиот суд за човекови права ќе се најдат пред Комитетот на министри на Советот на Европа
Пресудите на Европскиот суд за човекови права не се препорака, туку обврска за државите што ја прифатиле Европската конвенција. Тоа особено важи за Бугарија, против која во изминатите години се донесени дванаесет пресуди во корист на организации и лица што се изјаснуваат како Македонци. И покрај тоа, спроведувањето на пресудите од Стразбур и натаму е предмет на спор, а Софија инсистира дека презела „доволно мерки“ (?!). Спротивно мислење има бугарскиот „Хелсиншки комитет“, кој бара надзорот врз предметите „ОМО ’Илинден‘ и други против Бугарија“ да продолжи.
„Политичкиот слалом“ на Софија
Бугарската влада тврди дека земјата има еден од најлибералните системи за регистрација на невладини организации и дека подносителите на барањата за ОМО „Илинден“ имаат целосна судска заштита. Според Софија, Агенцијата за регистрација (АР) и судовите постапувале независно, објективно и транспарентно, а одбивањата биле образложени со конкретни формални недостатоци. Владата тврди дека „подносителите намерно ги повторувале истите грешки наместо да ги отстранат и повторно да поднесат барање“ (?!). Софија се повикува и на упатствата од јуни 2025 година, кои, според неа, се донесени во соработка со Одделот за извршување на пресудите на ЕСЧП и треба да овозможат полесна регистрација. Бугарската страна нагласува дека пресудите на ЕСЧП не наложуваат автоматска регистрација на ОМО „Илинден“, туку воспоставување услови за еднаков и недискриминаторски третман. Како аргумент се наведуваат и две регистрирани здруженија со слични цели од 2019 година, како и фактот дека дел од членовите на подносителите биле членови на едно од нив. Оттука, Софија заклучува дека „правната рамка е усогласена со членот 11 од конвенцијата и дека се исполнети условите за затворање на надзорот врз оваа група пресуди“ (?!).
Како одговори на ова „Хелсиншкиот комитет“?
Бугарскиот „Хелсиншки комитет“ тврди дека „најновите случаи покажуваат оти суштинскиот проблем не е во формалните пропусти, туку во начинот на кој властите ги применуваат правилата кон организации што се идентификуваат како македонски“.
Како пример го посочува новото барање на ОМО „Илинден“ од 1 јули 2026 година. Здружението го изменило статутот според претходните забелешки на судот, но регистрацијата повторно била одбиена – овој пат по други основи. „Хелсиншкиот комитет“ посочува дека една од забелешките, според која статутот не предвидувал финансиска ревизија, била фактички неточна, бидејќи изменетиот статут изречно го уредувал именувањето ревизор. Особено е спорен ставот на Регистарскиот орган дека целите на здружението се неприфатливи затоа што бараат воведување македонски јазик и историја во образованието и пристап до македонски медиуми. Според „Хелсиншкиот комитет“, токму ваквото навлегување во содржината на целите на здруженијата е спротивно на стандардите што произлегуваат од членот 11 и од пресудите на ЕСЧП.
Исто така, „Хелсиншкиот комитет“ укажува и на недоследност во примената на правилата, односно „барањата што се прифаќаат кај други здруженија се прогласуваат за недоволни кога станува збор за организации што се декларираат како македонски“! Како пример се наведува и фактот дека здруженија што ги исправиле претходно посочените недостатоци повторно добиле одбивања, но врз нови основи. Затоа „Хелсиншкиот комитет“ смета дека не е исполнета суштинската обврска од пресудите на Стразбур. Тој бара законски измени, поголем дијалог пред одбивањето на регистрацијата и доследна, транспарентна и недискриминаторска примена на правилата. Од сето ова напред споменато, невладината организација „Хелсиншки комитет“ бара „Комитетот на министрите да не го затвора надзорот врз групата пресуди, оценувајќи дека структурните проблеми што ги утврдил ЕСЧП сè уште постојат“!
Две спротивставени става пред Комитетот на министри на Советот на Европа
Во секој случај, сега пред Комитетот на министрите на Советот на Европа (СЕ) се доставени две спротивставени толкувања. Првото на официјална Софија, која тврди дека ги исполнила обврските од пресудите, и второто на „Хелсиншкиот комитет“ кој смета дека најновите одбивања покажуваат дека нивното суштинско спроведување сè уште не е обезбедено.
Од уреднички агол
Стразбур пресуди, Софија повторно бара изговор со „политички слалом“
Перемпторната суштина на проблемот
Има нешто длабоко вознемирувачко во фактот што една членка на Европската Унија и Советот на Европа со години бара нови формулации, нови процедури и нови формални пречки за да не ја спроведе суштината на пресудите на Европскиот суд за човекови права.
Во случајот ОМО „Илинден“, Стразбур не зборува за апстракција. Станува збор за слободата на здружување на луѓе што се идентификуваат како Македонци. Комитетот на министрите со години го следи спроведувањето на овие пресуди, а во 2023 година експлицитно побара од Бугарија одлучна акција за обезбедување на ова право. Но Софија повторно го прави истото. Имено, кога не може да ја оспори пресудата, се обидува да ја заобиколи нејзината суштина. Наместо право на слободно здружување, отвора некакви формалности. Наместо еднаквост, дава нови административни забелешки. Наместо признавање на реалноста, Софија прави обид реалноста да се прогласи за непостојна. Но ова веќе станува преочигледно дека тука веќе не станува збор само за едно здружение. Овде станува збор за односот на една држава кон идентитетот на луѓето што живеат во неа. Највознемирувачки е што оваа политика не завршува на шалтерот на бугарската Агенција за регистрација (АР). Таа има поширок политички континуитет. Софија со години ја оспорува посебноста на македонскиот национален идентитет, македонскиот јазик и посебното толкување на македонската историја. Истовремено, во официјалниот однос кон Скопје ја наметнува тезата за „заедничка историја“, која стана дел од политичката рамка на договорот од 2017 година.
Тука се допира и суштината на проблемот. Имено, кога една држава не успева да го убеди другиот народ дека не постои, таа се обидува да го ограничи начинот на кој тој народ може да се именува, да се организира и да ја раскажува сопствената историја. А тоа е политика на негирање, а не политика на добрососедство.
Европа не е создадена за да биде посилна структура и нејзините членки како силни да го оспоруваат она што не им одговара за земји што не се членки на Унијата. Во случајов, Бугарија да го оспорува идентитетот на соседот?! ЕУ е создадена токму за спротивното, односно за човековите права да бидат над анахроните хегемони тенденции или политичките каприци на државите членки. Затоа е лицемерно да се повикува на европски вредности, а истовремено со административни лавиринти да се попречува правото на луѓето да се здружуваат како Македонци.
Бугарија, се разбира, има право на свој историски наратив. Но нема право да го претвора својот историски наратив во државна дозвола за тоа како другите смеат да се чувствуваат и именуваат. Има право на своето гледиште за историјата. Но нема право да го претвори тоа гледиште во услов за уживање на основните човекови права. Има право на бугарскиот идентитет. Но европската цивилизација одамна ја напушти логиката дека туѓиот идентитет мора да биде негиран за сопствениот да биде потврден.
Токму затоа спорот со ОМО „Илинден“ е многу поголем од спорот за еден статут. Тоа е тест дали пресудата од Стразбур навистина важи и кога не ѝ одговара на државната политика. И тестот сѐуште трае. Софија може да испраќа уште толку документи во Стразбур, да набројува уште колку сака формални пропусти и да се повикува на уште толку административни процедури. Но не може со бирократски јазик да ја избрише перемпторната суштина на проблемот, односно најважниот и решавачки дел од проблемот.
Македонците во Бугарија не бараат привилегија. Бараат право. А во демократска Европа правото на човекот да се изјасни, да се организира и да живее со својот идентитет не смее да зависи од тоа дали неговиот идентитет ѝ се допаѓа на државата. Токму тука Софија мора да го направи пресвртот, и тоа од политика на негирање кон политика на почитување. Зашто добрососедството не се докажува со договори на хартија. Се докажува со почитување на човекот од другата страна на границата.
А пресудите на Стразбур, нема потреба да се повторуваме. Тие не се политичка препорака. Тие се обврска.
Марјан Велевски
































