Енергетско репозиционирање на Македонија
- Приклучувањето кон Вертикалниот коридор може да ја промени позицијата на Македонија на енергетската карта – не затоа што земјата ќе стане самодоволна, туку затоа што за првпат ќе има можност да избира меѓу повеќе извори, правци и партнери
Земјава често ја истакнува својата географска положба како една од своите најголеми стратешки предности имајќи го предвид фактот дека е централно позиционирана меѓу северот и југот, на регионална крстосница на важни транспортни правци и природни коридори, како и во непосредна близина на големи регионални пазари.
Но кога станува збор за енергијата, таа географска предност досега не беше доволно претворена во реална стратешка корист. Тоа важи особено за природниот гас. Ограничените врски и малата инфраструктурна поврзаност ја оставаа Македонија на периферијата на регионалната гасна карта, со помал простор за избор и маневрирање кога условите на пазарот или геополитиката ќе се променат.
Токму затоа Вертикалниот коридор може да биде повеќе од уште еден енергетски проект. Прашањето што сега се поставува е дали Македонија конечно може да премине од позиција на „наметната енергетска блокираност, претставувајќи енергетски слепа улица“,во позиција на регионална енергетска раскрсница.
Македонија може да влезе во кондиција да биде енергетски отпорна
Тоа не значи дека прекуноќ ќе станеме енергетски центар, ниту дека Македонија ќе престане да зависи од увозот. Напротив. Реалноста е дека една мала држава не може сама да произведува доволно од секој енергент што ѝ е потребен. Но токму затоа стратегијата не треба да биде целосна самодоволност, туку што е можно поголема отпорност.
А отпорноста се гради така што се создава избор, односно повеќе правци значат и поголема сигурност. Обично во енергетиката најскапата зависност не е секогаш најскапиот гас, туку најскапо плаќа оној што нема можност да набави гас од друго место. Затоа секоја земја, вклучувајќи ја и Македонија, треба да тежнее кон диверзификација. Доколку земјава преку новите интерконектори се поврзе со грчкиот систем, а преку Србија добие уште еден правец кон север, тогаш дефинитивно се проширува можноста за избор.
Државава ќе може сама да ги избира изворот на снабдување и правецот, како и партнерот од каде ќе се снабдува. И токму тука е можеби најголемата вредност на Вертикалниот коридор.
Гасот што влегува во регионалниот систем не мора да доаѓа од едно место. Јужниот правец отвора пристап до гас што пристигнува преку грчката инфраструктура, вклучувајќи го и течниот природен гас, но и до други извори што се достапни на европскиот пазар.
Од друга страна, поврзаноста со бугарската мрежа и со северните системи отвора дополнителни можности за движење на гасот. Тоа ја менува логиката на македонската енергетска позиција. Наместо да се прашуваме од каде ќе стигне гасот, постепено би можеле да имаме можност да прашуваме кој правец и кој извор ни е најисплатлив и најсигурен. Тоа е многу поголема промена од самото поставување нов цевковод.
За македонското стопанство ова може да значи поголема предвидливост, а во кризни ситуации и поголема сигурност дека прекинот на една рута нема автоматски да значи прекин на снабдувањето. На тој начин и македонската економија ќе може да се потпре врз непречено снабдување со енергенти.
Но ниту тука не треба да се создаваат нереални очекувања. Поголемата поврзаност сама по себе не гарантира евтина енергија. Цената ќе зависи од пазарот, достапноста на количествата, транспортните трошоци, тарифите и договорите со снабдувачите.
Сепак, конкуренцијата тешко може да се развива таму каде што изборот е ограничен. Затоа новите врски се важни и како инфраструктура и како предуслов за поголема пазарна конкуренција.
Од транзитна точка до енергетски центар?
Тука се отвора и посериозното стратешко прашање. Имено, ќе биде ли Македонија само енергетски коридор или може да стане енергетски центар?
Одговорот нема да зависи само од тоа колку километри цевки ќе бидат изградени. Ако Македонија остане само место низ кое енергијата ќе поминува, придобивката ќе биде ограничена. Но ако новата инфраструктура се поврзе со развој на пазарот, складирање, трговија, индустрија и нови енергетски инвестиции, тогаш географијата конечно може да почне да работи во наша корист и во енергетиката.
Токму во тоа треба да се гледа поширокото значење на Вертикалниот коридор. Тој не треба да се набљудува само како гасна инфраструктура туку и како дел од новата европска геополитика на енергијата.
По големите промени на европскиот енергетски пазар, правците на снабдување станаа стратешко прашање. Јужна Европа добива поголемо значење како влезна точка за енергенти, а земјите што се наоѓаат северно од неа добиваат нови можности за снабдување.
Во таквата конфигурација Македонија не мора да биде само набљудувач туку може да стане и дел од мрежата. За мала држава енергетската независност никогаш не треба да се сфати како илузија дека може да произведува сè сама. Енергетската независност во современи услови значи нешто попрактично, да не зависиш само од еден извор, само од еден правец или само од еден партнер.
Токму затоа најголемата стратешка вредност на македонското приклучување кон Вертикалниот коридор може да биде во тоа што земјата добива повеќе можности, а со тоа и поголем простор за сопствена енергетска политика.
Дали од тоа Македонија навистина ќе стане енергетска раскрсница, а не само транзитна точка, ќе зависи од она што ќе се случува по изградбата на инфраструктурата. Ќе треба да има реален пазар, резервирани капацитети, компании што ќе го користат системот и економска логика зад целата инвестиција.
На крајот, за држава што долго време беше на крајот од еден енергетски систем, токму изборот може да биде првиот чекор кон многу посилна позиција на регионалната енергетска карта.
































