Ќе ја прифати ли Европа сопствената болна дијагноза?

Марио Драги своевремено не ѝ кажа на Европа ништо што таа веќе не го знаеше. Европа заостанува зад САД и Кина, европската индустрија ја губи конкурентноста, енергијата е прескапа, капиталот е фрагментиран, потрагата по иновации е бавна, а застарените бирократски процедури го задушуваат растот што Брисел декларативно сака да го поттикне. Но вредноста на извештајот за конкурентноста на ЕУ на поранешниот италијански премиер и претседател на Европската централна банка е во тоа што тој директно го постави прашањето: што ќе направи Европа со сопствената дијагноза?
Одговорот засега не е охрабрувачки. Две години по објавувањето на извештајот во кој Драги алармира за потребата од реформирање на ЕУ, најголемиот дел од неговите најамбициозни препораки остануваат далеку од целосна реализација. Не затоа што европските политичари не се согласуваат со потребата за стекнување поголема конкурентност, туку бидејќи не можат да постигнат единство за тоа што Брисел го смета за заеднички интерес на ЕУ. И пред две години беше јасно дека Драги не поседува волшебно стапче за реализација на неговиот план, бидејќи за голем дел од предлозите е потребна согласност од сите 27 членки на ЕУ.
Визијата на Драги бара Европа да размислува како една економска и политичка целина, но националните влади сè почесто размислуваат како одделни суверени центри на моќ. Драги бара заеднички инвестиции, поголема интеграција, заеднички долг, единствен пазар на капитал, координирана индустриска и одбранбена политика. Националните престолнини, пак, сакаат да ја задржат контролата врз буџетите, индустријата, енергетиката и стратешките одлуки.
Тоа е европскиот парадокс: Унијата сака да биде глобална сила, но нејзините членки сè потешко прифаќаат делумно да се откажат од сопствениот суверенитет за постигнување на таа цел. Ваквата состојба е политичка слика на кризата на европскиот модел што е продлабочена од застарените механизми на Унијата. Додека Вашингтон и Пекинг можат брзо да концентрираат огромни ресурси околу стратешките технологии, Брисел често поминува години во усогласување на националните позиции. Во свет во кој иновациите се развиваат со огромна брзина, европската бавност станува конкурентска слабост сама по себе.
Токму затоа извештајот на Драги претставува огледало во кое Европа не сака да го види нејзиниот одраз, покажувајќи дека проблемот лежи во отсуството на политичка способност на Унијата да дејствува заеднички.

Во оваа смисла, европската криза на конкурентноста е и криза на европскиот интегративен модел. И пред две години кога беше објавен извештајот, многумина на Балканот со доза сарказам се прашуваа дали Драги ќе успее да ја спаси ЕУ за земјите кандидати од регионов да дочекаат прием во неа? Стигнаа ли навреме неговите амбициозни препораки за реформирање на европскиот блок, кои веќе тогаш беа отпишувани како неостварливи?
Откако го претстави извештајот, ретките говори на Драги стануваат сè позагрижувачки и предупредувачки. „Европа ризикува да стане потчинета, поделена и деиндустријализирана“, предупреди тој во февруари годинава. А во јуни објави нова книга со недвосмислен наслов: „Натпреварувај се или исчезни“. Изразувајќи жалење поради отсуството на вистински напредок во Брисел, тој се заложи за концепт на „Европа по избор“ во кој неколку земји би напредувале заедно на конкретни проекти, оставајќи ги настрана оние што се двоумат или се противат на таквите иницијативи, што не е во согласност со сегашниот модел на одлучување и дејствување во ЕУ.
Земјите кандидати со години слушаат дека мора да ги реформираат институциите, да го усогласат законодавството, да го зајакнат владеењето на правото и да покажат политичка волја за членство, додека ЕУ не успева да се справи со сопствената реформска задача. И кредибилитетот на Брисел опаѓа кога од кандидатите постојано бара да бидат подготвени за Унија што и самата не е подготвена за новата геополитичка и економска реалност.
Амбициозниот план на Драги, судејќи според сегашните околности, би можел да остане историска дијагноза без соодветна терапија. Европа го знае лекот, но нема сила, ниту заедничка волја да се лекува. А ако ЕУ продолжи да ја одложува терапијата, предупредувањето на Драги може да стане епитаф за еден модел на интеграција што не успеал да се приспособи на новиот свет.