Гордана Сиљановска-Давкова, претседателка на Република Македонија
Гордана Сиљановска-Давкова: Каква Македонија ќе изградиме, таква ќе ја имаме!
Пред 35 години го доживеавме нашиот трет Илинден, зората во која вековниот сон за слободна и независна македонска држава конечно стана реалност. Со историскиот референдум од 8 септември 1991 година, ние, македонските граѓани, го заокруживме делото на илинденците и асномците, создавајќи свој национален и заеднички граѓански дом без оглед на етничката и верската припадност, порача претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, во честитката по повод независноста.
– Денес, со длабока благодарност и пиетет, се потсетуваме на историската вистина дека најголемото и најважното достигнување за еден народ е да има сопствена, суверена и демократска држава, којашто ќе ги штити неговата слобода, идентитет и дигнитет и ќе работи на нејзиниот просперитет. Сега, единствено од нас самите зависат нејзиниот опстој и нејзината иднина – истакна македонската претседателка.
Според неа, македонската независност почива на три столба: првиот е довербата на секој граѓанин во сопствената држава и во капацитетот на нејзините институции да ги заштитат правата, да обезбедат правда и да дадат еднакви можности за сите; вториот е меѓусебната доверба меѓу нас, граѓаните, како човечка нишка којашто нè држи заедно, независно од етничката, верската, јазичната и секоја друга разлика, и третата е – непотрошната, искрената и непоколеблива вера во македонската иднина.
– Во празничен, оптимистички дух, да потсетам дека страниците на нашето минато и сегашност бележат бројни успеси на многу полиња. Изградивме функционални институции и ја развивавме свеста за општото добро и државниот и национален интерес. Создадовме НАТО-армија, која ја гарантира нашата безбедност. Развивме и развиваме економија отпорна на притисоците и отворена кон светските пазари. Стекнавме пријатели и стратешки партнери што нѐ поддржуваат на долгиот и трнлив европски пат. Имаме јасна свест за европска припадност и стратешка цел за европско членство – дополни претседателката.
Таа потсети дека изминатите три и пол децении се соочивме со тешки искушенија, блокади и двојни стандарди, кои стимулираа несакани внатрешни процеси и проблеми, меѓу кои акцентот го стави на иселувањето на младите.
– Болната вистина не смее да нè парализира, туку мора да нè мобилизира. Државата не е само систем на институции. Луѓето се државата. Имаме генерациска одговорност да ги завршиме неодложните задачи: да ги искорениме криминалот и корупцијата, да воспоставиме бескомпромисно владеење на правото и да изградиме мирно и праведно општество на рамноправни и еднакви граѓани, независно дали се Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци и други. Асномскиот завет нѐ учи: „КАКВА МАКЕДОНИЈА ЌЕ ИЗГРАДИМЕ, ТАКВА ЌЕ ЈА ИМАМЕ“. Никој друг нема да ни го уреди домот, освен ние самите! – нагласи Сиљановска-Давкова, потсетувајќи дека е потребно и подлабоко поврзување со нашата дијаспора.
Претседателката Сиљановска -Давкова положи цвеќе на вечните почивалишта на Киро Глигоров, Борис Трајковски и на Никола Кљусев по повод Денот на независноста
По повод 8 Септември, Денот на независноста и одбележувањето на 35-годишнината од независноста, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска положи свежо цвеќе на вечното почивалиште на првиот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров, на вечното почивалиште на претседателот Борис Трајковски и на вечното почивалиште на првиот претседател на Владата, Никола Кљусев, на Градските гробишта во Бутел – Скопје.
Во рамките на настанот, во организација на Кабинетот на претседателката, свежо цвеќе положија и собраниска делегација, предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, владина делегација предводена од министерката за образование и наука Весна Јаневска, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, претставници на Сојузот на борците, на судската власт, градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, градоначалници на скопските општини, директорката на Агенцијaтa за разузнавањe, Габриела Јаковлева, директорката на КОВЗРГ, Оливера Трајковска, претставници на политичките партии, на дипломатскиот кор и семејството Кљусеви.
Христијан Мицкоски, премиер
Ќе го чекориме европскиот пат, но без компромиси за идентитетот и јазикот
Во своето обраќање по повод 35-годишнината од независноста, премиерот Христијан Мицкоски ја потврди посветеноста на Владата за членство во Европската Унија. Тој подвлече дека амбицијата е оваа генерација да ја вклопи земјата во ЕУ, но предупреди дека прво мора да се надмине една клучна пречка за почеток на преговорите – градењето меѓусебна доверба.
Според Мицкоски, довербата бара прифаќање на реалноста, читање на одлуките од Судот за човекови права во Стразбур за македонската малцинска заедница во Бугарија, признавање на македонскиот јазик и прекин на тезите дека нацијата е продукт на Коминтерната. Иако европскиот курс останува приоритет, премиерот беше дециден дека компромиси за идентитетот, јазикот и за културата нема да има.
– Јас посакувам и јас работам да бидеме генерацијата што ќе ја внесе државата во Европската Унија. Нема подобра алтернатива за државата, точно е тоа. Но истовремено секој еден од вас треба да знае дека има уште еден последен предизвик, кој стои пред нас, не за да го завршиме патот, туку за да го почнеме, не затоа што имаме некаква гаранција дека ќе стигнеме до целта, туку дека ќе почнеме да го чекориме тој пат. Кога ќе ги слушнете сите оние лицемерни крици на немоќ од нашите политички противници или барем од дел од нив, кои велат во една состојба на самозадоволување – решете го проблемот и ни малку не се свесни дека тие се тие кои во суштина го креираа проблемот, кои од предлог прифаќајќи го на авантуристички начин, создадоа услов за нашиот напредок, кон полноправно членство во ЕУ. Истите тие што денеска ги слушаме како на отворена сцена нѐ повикуваат да го решиме и да ќе го решиме, само треба трпение, најпрвин да се создаде доверба, а за да се создаде доверба, треба да престане да се игнорираат пресудите на Судот за човекови права во Стразбур за македонската заедница. Треба да се престане да се негира правото на мојот мајчин македонски јазик, треба да се престане да се бараат корените на македонскиот народ како резултат на одлука на комунистичката коминтерна, туку да се прифати факт што е стар со векови. Тоа се факти од кои нема бегање и додека не ги прифатиме овие факти нема доверба, а кога нема доверба нема дијалог, затоа најпрвин ајде да создадеме доверба, а потоа и да водиме дијалог. Дијалог без доверба не водиме никаде, туку кон нови проблеми и нови порази – порача Мицкоски.
Премиерот истакна дека фундаменталните прашања поврзани со идентитетот и културата се црвена линија зад која не смее да се преговара зад затворени врати.
– Компромисот за овие прашања означува рушење на македонскиот АСНОМ и Илинден. А добро знаете, добро знае секој од вас дека ова е последната брана, дека нашиот збор е најсилната брана, а со зборот нема играње, тогаш си играте со честа, а која ќе ја изгубите честа, тогаш ништо друго не ви е потребно во животот – истакна Мицкоски.
Осврнувајќи се на социјалните услови, тој оцени дека по 35 години независност, општеството сè уште пати од длабоки поделби, кои, според него, ги генерираат политичките елити, а не граѓаните. Тој потенцираше дека е неопходно да се разобличи политичкиот хипокризам.
– Многумина ми рекоа, сепак е оваа свечена пригода, не се занимавај со нив. Точно е тоа, но мора да се демонтира нивниот лажен морал, за народот да знае со какви предизвици се соочуваме – порача Мицкоски.
Тој ја критикуваше опозицијата дека систематски внесува дефетизам и сомнеж во сите државни проекти и национални празници.
– Таквата губитничка политика треба да нè повлече сите надолу. Секој млад човек да почне да се колеба, да нè прикажат дека сме сите исти кога и сме толку многу различни. Жалам што ќе констатирам, но таквите поединци не се достојни за времето во кое живеат и за улогата за која се борат. Тие се тегот што влече надолу и сето ова е резултат на тоа што тие сакаат власт поради пари и моќ, не поради идеја и концепт. Тие се против сè што води напред. Против болници, против патишта, против нов клинички центар, против инфраструктурни објекти за општините какви градиме, против брза железница, против покачени плати и пензии, против дата-центри, против нови инвестиции. Ако се каже треба нов владин авион, тие веднаш скокаат и велат се луксузирате. А не бројат колку животи ќе се спасат, бидејќи тој авион е и за таа цел. Тоа е кусогледа политика – нагласи Мицкоски.
Мицкоски подвлече дека сите инвестиции, инфраструктурни проекти и набавки се во служба на државата и ќе останат на граѓаните и по завршувањето на неговиот мандат.
– И многумина ми велат да не се повлекуваме, но јас сум разумен човек, му давам шанса на дијалогот, затоа што верувам дека доброто секогаш го победува лошото и затоа што политиката е вештина на дијалогот, кој е попаметен и поцелисходен од поларизирањето и блокирањето. Ќе продолжиме да градиме мостови, ќе подавам рака за прашања важни за нашата иднина и нема да се откажеме од тоа да понудиме дијалог, затоа сечија суета, па и мојата не значат ништо кога во прашање е Македонија – истакна Мицкоски.
Дарко Костадиновски, претседател на Уставниот суд
Љубовта кон татковината се изразува и преку почитување на Уставот!
По повод 8 Септември – Денот на независноста, претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски, во свое лично име и во име на судот, упатува честитка до сите граѓани.
– Независноста е избор направен во еден историски момент, тоа е нашата колективна гордост. Осми септември е симбол за истрајноста и потсетник за сите генерации, посветено да придонесуваме за иднината на Републиката. Љубовта кон татковината не се изразува само со почит кон минатото туку и со одговорност кон сегашноста, преку почитување на Уставот, силни институции и доследно владеење на правото. Денес, највисок чин на патриотизам е бескомпромисната посветеност на правната држава и на принципот дека правото мора да важи еднакво за сите – се вели во честитката на првиот човек на Уставниот суд.
Рубио: САД стојат покрај Македонија
Американскиот државен секретар Марко Рубио упати честитка по повод Денот на независноста на Македонија.
– Во име на американскиот народ, упатувам најтопли честитки до народот на С. Македонија, додека славите 35 години независност. Соединетите Американски Држави се горди што стојат покрај С. Македонија како доверлив сојузник и партнер. С. Македонија игра важна улога во зајакнувањето на безбедноста и стабилноста низ целиот регион преку нејзината посветеност на нашата заедничка одбрана и соработка во борбата против тероризмот и напорите за сајбер-безбедност – се наведува во честитката од Рубио објавена на веб-страницата на Стејт департментот.
НАТО со честитка по повод македонската независност
НАТО упати честитка до Македонија по повод 8 Септември – Денот на независноста, одбележувајќи го националниот празник на една од своите земји членки.
На официјалниот профил на Северноатлантската алијанса на социјалната мрежа Икс беше објавена честитка по повод македонскиот Ден на независноста.
Со објавата, НАТО им го честиташе празникот на граѓаните на Македонија, која од март 2020 година е полноправна членка на најголемиот воено-политички сојуз во светот.
































