Marco Rubio
Фото: ЕПА

Американскиот државен секретар Марко Рубио упати честитка до граѓаните на Македонија по повод 35-годишнината од независноста на државата.

 – Во име на американскиот народ, упатувам најтопли честитки до народот на Северна Македонија, додека славите 35 години независност – се наведува во честитката објавена на веб-страницата на американскиот Стејт департмент.

Рубио порача дека Соединетите Американски Држави се горди што стојат покрај Македонија како доверлив сојузник и партнер, притоа нагласувајќи ја улогата на земјата во зајакнувањето на безбедноста и стабилноста во регионот.

 – Северна Македонија игра важна улога во зајакнувањето на безбедноста и стабилноста низ целиот регион преку нејзината посветеност на нашата заедничка одбрана и соработка во борбата против тероризмот и напорите за сајбер-безбедност –  истакна американскиот државен секретар.

Во честитката Рубио го поздрави и континуираниот раст на економското партнерство меѓу двете земји, вклучително и преку овогодишниот Стратешки дијалог одржан во Вашингтон.

Тој посочи дека САД и Северна Македонија заеднички ги унапредуваат можностите во повеќе клучни сектори.

 – Заедно, ги унапредуваме можностите во енергетиката, инфраструктурата, технологијата и другите сектори за зајакнување на просперитетот во двете наши земји – наведува Рубио.

Американскиот државен секретар упати и желби за мир, безбедност и просперитет во годините што следуваат.

 – Ви посакуваме радосен Ден на независноста и континуиран мир, безбедност и просперитет во годините што доаѓаат – се наведува во честитката.

Честитка по повод 8 Септември – Денот на независноста на Македонија, упати и Амбасадата на САД во Скопје.