Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека цените на нафтата и горивата значително ќе се намалат доколку САД ја добијат војната со Иран.
Во објава на социјалната мрежа „Трут соушл“, Трамп предвиде дека цената на горивото првично би можела да падне на околу три долари за галон, а потоа и под два долари за галон. Тој додаде дека падот на цените би се случил брзо и повторно нагласи дека Иран нема да поседува нуклеарно оружје.
Изјавата доаѓа во момент кога цените на горивата во САД се на високо ниво. Националната просечна цена на бензинот достигна околу 4,15 долари за галон, додека цената на дизелот се движи околу 5,90 долари за галон. Зголемените цени се поврзуваат со нарушувањата во снабдувањето предизвикани од конфликтот и состојбата околу Ормускиот Проток.
Трамп воедно порача дека Иран „никогаш“ нема да има нуклеарно оружје, додека конфликтот меѓу Вашингтон и Техеран продолжува да влијае врз глобалните енергетски пазари.
































