Дали беше возможен обединет и надетнички настан на опозициските сили во Македонија по локалните избори од 1996 година? Мандатот на вториот состав на Собранието беше времето на огромно осиромашување предизвикано од приватизацијата, мерките за штедење под строгите аранжмани на ММФ, како и на срамните скандали при оваа фаза на најдив капитализам во услови на слаби институции и отсуство на сериозна регулаторна рамка. Пропаѓањето на пирамидалната штедилница „ТАТ“ посебно ќе ја затресе власта заради бројните злоупотреби кои ќе добијат и судска завршница под притисок на јавноста, а ќе останат запаметени по наводната епизода со „министерот во тренерки“ и говорот на премиерот Бранко Црвенковски дека нема да бидат поштедени „ни еС-Де-еС, ни свети еС-Де-еС“. Приватизацијата во Македонија имаше и премногу изразена политичка црта затоа што „победниците на транзицијата“ ги избра премногу видливата рака на владејачката коалиција наместо „невидливата рака на пазарот“. Токму таму се наоѓаше „ахиловата петица“ на „Сојузот за Македонија“ и на ПДП. Имено, граѓаните ја поддржуваа политиката на претседателот Глигоров и на владата Македонија никако да не биде вовлечена во југословенските воени виори, зацртаниот пат кон Европската Унија и НАТО, како и отпорот кон неразумните барања на Грција за промена на името (економската состојба дополнително ја влошија урушувањето на единствениот југословенски пазар, меѓународните санкции кон Сојузна Република Југославија и посебно едностраното грчко трговско ембарго). Нималку не помагаа ни претерувањата на таканаречените „новопечени богаташи“ и на „златната младина“ кои што нападно беа поврзани со владејачките партии (овие претерувања се далеку поголеми во актуелното класно раслоено македонско општество, но тогаш степенот на толеранција на јавноста беше далеку понизок). Социјалното раслојување и бавното економско закрепнување го топеше легитимитетот на власта и ја пишуваше програмата на опозицијата. Притоа, должно е да се напомене дека приватизацијата главно ги погоди Македонците затоа што Албанците не беа вработени во поголем број во државните фирми од многу погрешни причини за кои што веќе зборував во претходните делови на овој серијал. Но, општото осиромашување секако дека ги погоди сите граѓани на Македонија и предизвика нов масовен бран на иселување кое што не поштеди ниту еден слој од општеството.
Охрабрена од резултатите на локалните избори од 1996 година, опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и од Демократската партија ќе побара предвремени собраниски избори по пат на собирање потписи повикувајќи ја јасната одредба во Уставот која што овозможуваше граѓаните да го дадат конечниот збор за секоја одлука на Собранието на референдум доколку таквата иницијатива биде поддржана со 150 илјади потписи. За жал, опозицијата не смогна сили да излезе обединета при овој обид. Студентските демонстрации против законот за Педагошка академија и целата сага околу употребата на албанското етничко знаме пред општините оневозможија меѓуетничка соработка и учество и на Демократската партија на Албанците во опозицискиот притисок за нови избори. Овие два настани непотребно ја турнаа опозицијата кон двата спротивставени пола на националистичкиот екстрем и со тоа ѝ овозможија на власта повторно да се претстави како умерена, разумна и граѓанска опција, а да ги обои своите противници како ликови со чудовишни намери кои што едвај чекаат да ја турнат земјата во амбис. Собранието ќе ја одбие иницијативата и со тоа ќе создаде преседан дека не е можен отповик на парламентарците со референдум. Одговорот на опозицијата ќе дојде преку серија јавни манифестации кои што ќе кулминираат со дотогаш најбројниот политички митинг на плоштадот во Скопје, одржан во јуни 1997 година, а наречен „СТОП за економското, социјалното и државното пропаѓање на Македонија“, организиран од ВМРО-ДПМНЕ, Демократската партија и други помали политички сили, независни синдикати и невладини организации. Ќе стане јасно дека Македонија ќе оди на редовни избори во следната 1998 година.
Во овој период повторно ќе се надвијат воените облаци над Балканот. Америка повторно се врати на полуостровот во пресрет на американските претседателски избори во 1996 година. На претседателот Клинтон му беше потребно да прикаже јасен и недвосмислен успех на американската надворешна политика што се постигна со затворање на активните воени жаришта во пост-југословенскиот простор и обид за премостување на нерешените проблеми. По интервенциите на американската војска во Босна и Херцеговина (воздушната кампања против Војската на Република Српска), поддршката на хрватските операции „Блесок“ и „Олуја“, дојде до таканаречената „булдожер дипломатија“ предводена од Ричард Холбрук. Договорите од Дејтон и од Ердут, како и Времената спогодба ќе ја врамат оваа нова фаза на американска доминација со Балканскиот полуостров. Првично, оваа американска интервенција ќе ги релаксира состојбите во регионот, но ќе се покаже дека станува збор за краткотрајно примирје. Во 1996 година ќе се случат големите студентски протести заради фалсификувањето на локалните избори во најголемите српски градови, а веќе следната 1997 година ќе дојде до раскол помеѓу Србија и Црна Гора, но и внатрешен црногорски раскол кој ќе го востоличи Мило Ѓукановиќ за неприкосновен лидер на тогашната република и предводник на движењето на нејзино отцепување од СР Југославија. Во 1997 година ќе се случи и колапс на албанската држава по насилните протести заради пропаѓањето на пирамидалните штедилници што ќе доведе до меѓународна интервенција, под покровителство на Советот за безбедност на Обединетите нации, и пад на претседателот Сали Бериша и владата предводена од неговата Демократска партија. При нередите ќе дојде и до ограбување на воените складишта, па украденото оружје ќе најде свој пат до сите подоцнежни воени судири во регионот.
Сепак, најголемиот предизвик за мирот во регионот ќе дојде на Косово. По укинувањето на косовската автономија таму косовските Албанци ќе создадат пара-држава, предводена од Ибрахим Ругова и од неговиот Демократски сојуз на Косово. Оваа политичка творба ќе биде толерирана од српските власти во покраината. Независноста на Косово ќе биде признаена единствено од Албанија, но Ибрахим Ругова ќе биде приман насекаде по светот како претставник на косовските Албанци. Неговата стратегија за постигнување независност на Косово оди преку концептот на пасивниот отпор и игнорирање на институциите на српската држава. Тој ќе создаде и пара-институции од кои што најуспешни ќе бидат паралелните училишта и пара-универзитетот од Приштина, финансирани од владата на Косово во егзил, предводена од докторот Бујар Букоши. Набрзо ќе се постигне некаков чуден еквилибриум на Косово, но нерешавањето на наталожените проблеми природно ќе доведе до проблеми. На Косово и посебно во активната косовска дијаспора во Европа сѐ погласни ќе стануваат гласовите за напуштање на стратегијата на ненасилен отпор и кревање вооружено востание. Најгласните протагонисти на „воената опција“ се круговите околу Народното движење за Косово и порадикалното Народно движење за ослободување на Косово. Овие две струи се, всушност, поранешните „енверисти“, поточно „марксисти – ленинисти – енверисти“ чии што редови се зголемуваат по демонстрациите од 1981 година и жестокиот одговор на југословенските власти. Редно е да се каже дека енверистите отсекогаш биле радикално малцинство во политиката на Косово, во Македонија и во другите пост-југословенски творби. Посебно по демократизацијата приматот го земаат Демократскиот сојуз на Косово, Партијата за демократски просперитет во Македонија, па и ним спротивставените партии на Албанците. „Енверистите“ се турнати на маргините иако по крајот на Студената војна идеолошки се преориентираат од „марксисти – ленинисти“ во „демократи“. Нивната цел е обединување на сите албански земји, вклучително и со војна (овие групи делуваат и помеѓу Албанците во Македонија и иселениците во дијаспората). Од редовите на НДК и НДОК израснува Ослободителната армија на Косово, како и сите подоцнежни паравојски кои што произлегоа од нејзините редови, вклучително и Националната ослободителна армија во Македонија. Интересно е дека и „Република Косово“ на Ибрахим Ругова ќе создаде своја паравојска, наречена „Вооружени сили на Република Косово“ („Forcat e Armatosura të Republikës së Kosovës“), кои што ќе бидат јасно одделени, па дури и спротивставени на ОВК сѐ до нивното обединување, најверојатно под притисок на поддржувачите од западниот свет и за време на подготовките за војната против СР Југославија. Токму енверистичките групи, подоцна обединети под чадорот на ОВК, ќе водат судири со низок интензитет против југословенската војска и српската полиција, сѐ додека состојбата не прерасне во отворено востание во текот на 1998 година. Институционалниот одговор на Република Србија и на СР Југославија ќе бнде вообичаено брутален што ќе доведе повторно до американско замешателство кое што првично ќе го предводи тогашниот американски амбасадор во Скопје, Кристофер Хил, за потоа да биде повторно превземано од „булдожерот“ Ричард Холбрук.
Во тој контекст мора да се спомене и една од најнеславните епизоди на претседателствувањето на Киро Глигоров. Во јавноста протекоа информации дека на Советот за безбедност се разработувале сценарија во случај на ескалација на состојбите на Косово (состанокот се одржувал во 1997 година). Еден од предлозите на претседателот Глигоров бил во случај на бегалска криза да се воспостави некаков „коридор“ за превоз на бегалците од граничните премини помеѓу Македонија и СР Југославија, во делот на Косово, до Албанија каде што тие ќе им се предаваат на албанските власти. Чудно е што воопшто се разгледувала ваква опција затоа што Македонија уште тогаш беше потписник на сите меѓународни конвенции за правата на бегалците, но, за жал, етничкиот национализам на Балканот го поматува умот. „Идејата“ на Глигоров произлегувала од стравувањата дека Србија ќе изврши етничко чистење на Албанците од Косово, па дека нивното доаѓање во Македонија ќе се претвори од привремен престој во трајно доселување, со што ќе се измени засекогаш етничкиот состав на земјата. Присутните на таа средба на државниот врв очигледно не се сетиле дека Македонија уште тогаш беше потписник на сите меѓународни документи за правата на бегалците, а и не им текнало ни на тоа кои асоцијации ги буди во светското јавно мислење принудниот превоз на луѓе во организација на државата само затоа што припаѓаат на „погрешна“ етничка, религиозна или јазична група (или можеби токму од тие причини некој од присутните решил да ја протече информацијата во јавноста). За среќа, целата епизода не прерасна во скандал иако имаше потенцијал сериозно да ги загрози и онака кревките меѓуетнички односи. Сепак, информациите за „Планот Коридор на Глигоров“ допреа до глобалната јавност, па меѓународната заедница се вклучи во планирањето за справувањето со можна бегалска криза на Балканот во случај на ескалација на војната на Косово.
Што ќе донесат изборите од 1998 година?


































