Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција отвори истражна постапка против вработен во Службата за општи и заеднички работи при Владата, осомничен за кривично дело „Примање награда за противзаконито влијание“, пренесе МИА.
Според Обвинителството, постои основано сомневање дека осомничениот, кој работел како возач на висок владин функционер, во периодот од 24 јули до 4 септември годинава побарал 1.500 евра од граѓанин, ветувајќи дека ќе го искористи своето наводно влијание и ќе посредува кај службени лица во Град Скопје за негово вработување по оглас за прием на пожарникари.
Случајот бил пријавен од граѓанинот, по што Единицата за корупција при Бирото за јавна безбедност, во координација со надлежниот јавен обвинител, презела мерки за обезбедување докази.
На 4 септември, осомничениот бил затекнат при примопредавање на 500 евра, како дел од претходно побараната сума од 1.500 евра. Парите биле претходно обележани.
Поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и ризик од повторување на делото, јавниот обвинител предложил определување мерка притвор. Судија на претходна постапка го прифатил предлогот и на осомничениот му определил 30-дневен притвор.
Министерството за внатрешни работи (МВР) претходно денеска соопшти дека Д.Ц., вработен како возач во Службата за општи и заеднички работи при Владата, бил лишен од слобода откако бил затекнат при примање претходно обележани парични средства.
Од Обвинителството нагласуваат дека навременото пријавување на корупцијата и соработката на граѓаните со надлежните институции се од особено значење за ефикасно постапување и обезбедување докази.
Јавното обвинителство ги повикува граѓаните да ги пријавуваат случаите на барање или нудење поткуп и противзаконито влијание и најавува одлучно постапување по сите сознанија за коруптивно однесување за кои постојат основи за обвинителско постапување.
































