Владата информира дека првичната пријава за незаконското барање поткуп била поднесена по иницијатива на институциите до кои било пријавено барањето, по што лицето со иницијали Д.Ц. било лишено од слобода при примање претходно обележани парични средства, пренесе МИА.
Од Владата нагласуваат дека случајот е дел од заложбите за, како што велат, бескомпромисна борба против корупцијата.
-Со овој случај се покажува дека законите важат за сите и се докажува волјата и целта на Владата да се бори против корупцијата – се наведува во владиното соопштение, во кое се додава дека случајот ја покажува важноста на соработката меѓу надлежните органи и институции во спроведувањето на правдата.
Од Владата повторуваат дека на 4 септември 2026 година осомничениот бил затекнат при примопредавање на 500 евра, како дел од претходно побараната награда од 1.500 евра. Парите биле претходно обележани.
Од Владата појаснуваат и дека Д.Ц. во моментот на, како што наведуваат, незаконското постапување бил ангажиран како возач за потребите на Генералниот секретаријат на Владата, а претходно засновал работен однос во Службата за општи и заеднички работи при Владата.
Претходно, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција соопшти дека е отворена истражна постапка против вработен во Службата за општи и заеднички работи при Владата, осомничен за кривично дело „Примање награда за противзаконито влијание“.
На осомничениот му е определен 30-дневен притвор, по предлог на јавниот обвинител, поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и ризик од повторување на делото.
Министерството за внатрешни работи (МВР) претходно информираше дека Д.Ц. бил лишен од слобода откако бил затекнат при примање на претходно обележани парични средства
































