Пожарот во боровата шума над селото Ногаевци, во Општина Градско, повторно се разгорел утрово поради силниот ветер. Огнот избувна вчера попладне, а по повеќе од 10 часа интервенција бил целосно изгаснат во 22.50 часот, пренесе МИА.
Во гаснењето вчера учествувале пожарникари од Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Велес, со поддршка од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и Шумското стопанство „Бабуна“. Екипи на Шумското стопанство останале на терен во текот на целата ноќ.
Поради силниот ветер, пожарот утрово повторно се активирал, а пожарникарите од Велес повторно интервенирале. Со оглед на брзото ширење на огнот, околу 12.30 часот биле побарани дополнителни сили.
Во моментов на терен се ангажирани три екипи на ТППЕ Велес. Две екипи со две противпожарни возила интервенираат во боровата шума од страната на Ногаевци, додека една екипа со едно возило дејствува од страната на селото Кочилари. Во гаснењето учествуваат и вработени во Шумското стопанство „Бабуна“.
Првата дојава за пожарот била примена вчера во 13.25 часот. Првично на терен биле испратени две противпожарни возила со шест пожарникари. Поради сериозноста на пожарот и неговото брзо ширење, дополнително биле ангажирани уште две возила и шест пожарникари.
Во акцијата се вклучила и ДЗС со два противпожарни авиони „ер трактор“ и два огнени тима со две возила „пинцгауер“.
По повеќе од 10 часа интервенција, пожарникарите успеале да го локализираат и целосно изгаснат пожарот доцна синоќа. Сепак, поради силниот ветер, огнот повторно се разгорел и се проширил и кон шумскиот појас од страната на Кочилари.
































