Каја Калас - Фото: ЕПА

Меѓуинституционален конфликт во ЕУ што тектонски го тресе Брисел

  • Франција и Германија бараат Европската служба за надворешни активности (ЕЕАС) во голема мера да се интегрира во структурите на Европската комисија (европската влада), додека шефицата на европската дипломатија Каја Калас жестоко се спротивставува на губењето на институционалната автономија и предупредува дека таквата поставеност би ја направила надворешната политика на ЕУ нефункционална
  • Високи функционери на ЕУ веќе почнаа да проучуваат кои функции на ЕЕАС би можеле да бидат преземени од постојните оддели на Европската комисија (ЕК), според лица запознаени со процесот, што би претставувало пресврт за една од најголемите институционални реформи на ЕУ спроведени во последните две децении

Европската комисија подготвува планови за одделување на дипломатската служба на Европската Унија од извршната власт на европскиот блок, како одговор на барањата од Франција и Германија за темелна реформа на машинеријата за надворешна политика на Брисел до крајот на годинава, што наиде на отпор од високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, која се спротивставува на плановите за расформирање на службата што таа ја предводи.
Високи функционери на ЕУ веќе почнаа да проучуваат кои функции на Европската служба за надворешни активности (ЕЕАС) би можеле да бидат преземени од постојните оддели на Комисијата, според лица запознаени со процесот, што би претставувало пресврт за една од најголемите институционални реформи на ЕУ спроведени во последните две децении.

ЕЕАС под лупа и на националните влади

ЕЕАС предводена од шефицата на дипломатијата на ЕУ, Калас, е под лупа на националните влади во ЕУ, кои сметаат дека службата има тешкотии за координирање ефикасни одговори на кризи, вклучувајќи ги војните во Украина и во Иран и надворешната политика на американскиот претседател Доналд Трамп.

Плановите, во кои учествуваат функционери од генералниот секретаријат на Комисијата и нејзините правни и буџетски оддели, имаат цел да го намалат удвојувањето на задачите и подобро да ја усогласат дипломатската работа на ЕУ со овластувањата на Комисијата за трговија, помош, дигитална регулатива и технологија. Тие се исто така дизајнирани да генерираат заштеди додека националните престолнини вршат притисок врз Брисел да го затегне ременот во преговорите за следниот повеќегодишен буџет на ЕУ.

Иницијативата, според упатени извори, нема да ја вклучи ЕЕАС во Европската комисија како гигантски директорат за надворешна политика, туку ќе ги подели нејзините постојни функции меѓу одделите со цел да се подобри ефикасноста. Дипломатите на ЕУ велат дека широката рамка за каков било пренос на овластувања идеално би можела да се договори во декември, како дел од спогодбата за буџетот на ЕУ (2028-2034).

Сѐ повеќе се зголемува притисокот за реформи од страна Париз и Берлин

Плановите се во рана фаза и сè уште би можеле да се променат, а се очекува да бидат дополнително развиени пред самитот на лидерите на ЕУ следниот месец, кој Париз и Берлин (двете најголеми економии на ЕУ и најголемите дипломатски сили) сакаат да го искористат за да разговараат за идеи за реформи. Француско-германскиот притисок се засили во текот на летово, со што еден приватен француски весник прво ги изложи опциите за преобликување на надворешната политика на ЕУ, по што следуваше заедничка декларација во јули со која се повикува на поширока дебата за Унијата. Неделава пак, во француско-германски документ беше упатен повик за „вградување на услугите на ЕЕАС во голема мера во структурите на Комисијата“.

Франција и Германија предложија да ѝ се даде на Калас посилна лична улога во која било реформирана структура, со поголем надзор врз проширеното портфолио за надворешни односи на Комисијата. Една помала верзија на ЕЕАС би останала надвор од Комисијата и би надгледувала области како што се мировните мисии на ЕУ и воената обука.
– Постојат тековни размислувања и дискусии за тоа како да се реформира и зајакне надворешната акција на ЕУ. Земајќи ја предвид геополитичката средина, јасно е дека мора постојано да се модернизираме и приспособуваме за да осигуриме дека нашите алатки, структури и процеси на донесување одлуки можат да продолжат да даваат ефективни дејства. Комисијата е подготвена да придонесе во оваа дискусија – истакна портпарол на Европската комисија.

Калас жестоко се бори да ги задржи овластувањата

Калас предводи жесток заткулисен притисок против француско-германските планови за реформа на нејзината дипломатска служба – додворувајќи им се на европските престолнини, тврди „Политико“. Кампањата на Калас вклучува убедување на владите на ЕУ дека проблемите со надворешната политика на блокот произлегуваат од едногласните правила за носење одлуки и лошото спроведување на интерните договори – а не од сегашната институционална поставеност, според тројца функционери на ЕУ што се информирани за нејзините планови.

Отпорот се обликува од страна на новата генерална секретарка на ЕЕАС, Кајса Олонгрен, која е на турнеја низ главните градови на ЕУ за да разговара за предлозите за реформи со националните влади. Се очекува Олонгрен да предложи и создавање работна група за да се разгледаат можни внатрешни реформи.

Сојузниците на Калас сметаат дека реформата наменета да ја направи надворешната политика на ЕУ поефикасна, наместо тоа, би можела да ѝ даде на Европската комисија предводена од Урсула фон дер Лајен поголема контрола врз работата што се спроведува под водство на шефицата на европската дипломатија. Германскиот план за спојување на дипломатската служба на ЕУ со Европската комисија би го зајакнал влијанието на шефицата на европската влада Урсула фон дер Лајен врз надворешната политика, посочи „Еурактив“.
– Калас сака да го одложи целиот процес затоа што не сака да биде средство на Фон дер Лајен – посочи еден европски дипломат.

И самата Калас јавно се побуни за можноста да се најде под поголема контрола од страна на Фон дер Лајен, без директно да ја спомнува претседателката на Европската комисија.
– Ако имам некој над мене што всушност одлучува, тогаш тоа не функционира – изјави Калас неделава, по дебатата со министрите за надворешни работи на ЕУ во Виклоу, Република Ирска.

Фон дер Лајен и Калас имаа несогласувања за повеќе прашања поврзани со европската надворешна политика – од воениот конфликт во Палестина до координацијата на европското разузнавање и назначувања персонал во последните две години. Р.С.