Фото: Приватна архива на Константин Качев

По 19 години, ликовниот уметник Константин Качев повторно се претстави со самостојна изложба во Кавадарци. Овој пат, неговите дела се изложени во галеријата на Домот на културата „Иван Мазов – Климе“, во рамките на бројните културни настани што се организираат за време на манифестацијата „Тиквешки гроздобер“.

Пред кавадаречката публика беа претставени портрети од циклусот „Imagine Words“, кои уште еднаш го потврдија исклучителниот талент и препознатливиот ликовен израз на уметникот. Качев е роден во Ташкент, а од 1983 година живее и работи во Скопје.

 – Замислете дека зборовите можат да се видат, дека мислите можат да станат боја и светлина. Токму тоа го истражува Константин Качев во својот циклус ‘Imagine Words Collection’. Овде зборовите стануваат видливи, мислите можат да се почувствуваат, а тишината зборува погласно од секој изговорен збор. Оваа изложба е патување низ мислата, светлината и тивката психологија на портретот. Вашата задача не е само да гледате, туку и да ‘читате’ и да учествувате – пишува Јасминка Намичева за првиот впечаток што го остава средбата со портретите на Качев.

На неговите платна лицата не се само портрети, туку и прозорци кон внатрешниот свет. Секоја слика претставува дијалог – со себе, со мислата и со тивката емоција што не може лесно да се изговори.

Контрастот меѓу прецизниот реализам и спонтаната материјалност создава посебна тензија, која го повикува гледачот не само да гледа, туку и да чувствува, размислува и „чита“. Преку синтеза на историски сликарски принципи и современи процесуални стратегии, Качев создава визуелен јазик што се движи меѓу видливото и неизреченото, меѓу формата и нејзиното исчезнување – создавајќи своевидна поезија на визуелното.

Константин Качев тргнува од класичната традиција на фигуративното сликарство и од исклучително прецизното познавање на човечката физиономија, но намерно ја нарушува нејзината целовитост.

Реалистички обработените лица се појавуваат и исчезнуваат низ слоеви од боја, цртеж, колаж, ракописни траги и геометриски полиња. Некои делови се доведени до висок степен на сликарска прецизност, додека други остануваат отворени, недовршени, избришани или едвај назначени.

 – Токму во оваа граница меѓу завршеното и незавршеното се создава суштинската тензија на циклусот. Портретите на Качев се само почетна точка за пошироко истражување на човекот – неговата меморија, идентитет, минливост и потреба да остави трага. Пред овие дела гледачот се соочува со лица, но и со празнини. Со зборови што не можат целосно да се прочитаат, со реченици што можеби никогаш не биле напишани, а токму таа недореченост е нивната сила – истакна Марина Убавкова на отворањето на изложбата во Кавадарци.

Од биографијата на Константин Качев може да се издвојат неговата долгогодишна уметничка кариера, препознатливиот фигуративен израз и значајното меѓународно присуство.

Добитник е на повеќе национални и меѓународни признанија во Париз, Санкт Петербург, Мадрид, Лондон и Милано.

Во текот на своето академско образование во Македонија имал можност да учи и да го развива својот ликовен израз под менторство на истакнатите македонски уметници Родољуб Анастасов, Симон Шемов и Танас Луловски – Тане.

Качев стекнал значајно професионално искуство работејќи неколку години во Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата, како конзерватор и реставратор на ѕидно сликарство.

Во тој период учествувал во реставрацијата на повеќе значајни споменици на културата, меѓу кои и црквата „Св. Климент – Перивлепта“.

Изложбата во Кавадарци претставува нова можност љубителите на ликовната уметност да се сретнат со специфичниот визуелен свет на Константин Качев, во кој портретот станува повеќе од препознатливо лице – станува простор за мисла, меморија, емоција и тивок дијалог со гледачот.

М.М.