Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека растот на бруто-домашниот производ од 4,3 проценти во вториот квартал од годинава е потврда дека економските политики на Владата даваат резултати.
Според него, станува збор за период на исклучително висока економска активност, при што Македонија бележи континуиран економски раст и покрај послабите економски движења кај најголемиот трговски партнер – Европската Унија и земјите од еврозоната.
Мицкоски посочи дека со растот од 3,1 процент во првото тримесечје и 4,3 проценти во второто, економскиот раст во првото полугодие изнесува приближно 3,7 проценти.
– Ова е едно од четирите најголеми зголемувања на БДП и во првата половина од годината и во второто тримесечје. Тоа се фактите и тие не можат да се негираат -рече Мицкоски.
Тој нагласи дека Владата ќе продолжи со економските политики и решавањето на наследените проблеми, оценувајќи дека резултатите од работата во изминатите 25-26 месеци веќе стануваат видливи.
Како позитивни показатели ги посочи растот на индустриското производство и стабилизирањето на инфлацијата.
Мицкоски истакна дека економскиот раст на Македонија е особено значаен ако се има предвид дека во Европската Унија и еврозоната растот е значително понизок.
– Во 2024 година остваривме раст на БДП од три проценти, во 2025 година од 3,5 проценти, а во првото полугодие од оваа година достигнуваме приближно 3,7 проценти. Имаме континуиран раст во услови кога нашиот најголем трговски партнер – Европската Унија и земјите од еврозоната – бележат раст од околу еден процент – рече Мицкоски.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во второто тримесечје од 2026 година најголем пораст е забележан во градежништвото, каде активноста е зголемена за 21,9 проценти.
Раст од 5,1 процент е регистриран и во секторите уметност, забава и рекреација, други услужни дејности, како и кај дејностите на домаќинствата.
Финалната потрошувачка во второто тримесечје номинално пораснала за седум проценти и учествувала со 83,2 проценти во структурата на бруто-домашниот производ.
Бруто-инвестициите, пак, номинално се зголемиле за 14,5 проценти, како резултат на растот на инвестициите во основни средства.
Според сезонски и календарски приспособените податоци, стапката на раст на бруто-домашниот производ во второто тримесечје од 2026 година, во однос на истиот период лани, изнесува четири проценти.
































