Фото: МВР Албанија/принтскрин

Во вчерашната акција за откривање финансиски криминал во Скопје се уапсени три лица, а кривичната пријава опфаќа шест физички и три правни лица, информира директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев.

Во одговор на новинарско прашање во врска со акцијата, во која криминална група се сомничи за проневера на над два милиона евра, Јанев посочи дека натамошниот тек на постапката ќе зависи од одлуката на Обвинителството.

– Останува Обвинителството да одлучи дали ќе ја проширува истрагата или ќе остане во рамките на поднесената кривична пријава – рече Јанев.

Тој посочи дека, според досегашните сознанија, граѓаните ги плаќале обврските за регистрација на возилата, но дел од средствата не биле префрлани кон државата.

– Интересно е тоа што македонските граѓани си ги платиле обврските за регистрација на возило, но операторот не ги исплаќал средствата кон државата – истакна Јанев.

При дополнителните претреси, како што информираше, биле пронајдени уште 30.000 евра, како и две луксузни возила од поново производство, кои исто така се одземени.

– Секако, нема да застанеме тука. При дополнителните претреси се пронајдени 30.000 евра и две луксузни возила со понова година на производство, кои се одземени – рече директорот на БЈБ.

Јанев најави дека истрагата ќе се прошири и кон други правни субјекти за кои, како што рече, постојат сознанија и аргументи дека се поврзани со сличен начин на незаконско стекнување финансиски средства.

Тој нагласи дека за само два дена биле обезбедени доволно факти, аргументи и докази за значителна сума средства што, според сомнежите, требало да завршат во државниот буџет.

Одговарајќи на новинарски прашања за работата на тимот за сузбивање на нелегалната трговија со дрога, Јанев рече дека веќе има првични резултати, но оцени дека институциите сè уште се далеку од поставената цел.

– Потребни се уште многу работа и анализа – рече Јанев, посебно пофалувајќи ги секторите за внатрешни работи во Струмица и Скопје, кои, според него, имаат најголем придонес во борбата против нелегалната трговија со дрога.