Фото: МИА

Управата за финансиска полиција поднела кривична пријава до Основното јавно обвинителство Струга против едно физичко и едно правно лице поради сомнение за сторено кривично дело „Даночно затајување“ по член 279 од Кривичниот законик.

Според Финансиската полиција, првопријавениот Б.З., во својство на сопственик и управител на правното лице, не ги прикажал како приход застарените и ненамирени обврски во вкупен износ од 30.946.170 денари, кои биле евидентирани во бруто-билансот за 2025 година.

Како што се наведува во кривичната пријава, станува збор за обврски што биле застарени согласно Законот за облигационите односи, а за кои не биле поведени судски постапки за наплата.

И покрај законската обврска, пријавениот не ја искажал соодветната даночна обврска во даночниот биланс за 2025 година. Со тоа, според наводите на Финансиската полиција, не бил пресметан, пријавен и платен данок на добивка во износ од 3.094.617 денари.

Дополнително, пријавениот во книговодството имал евидентирано дадени позајмици кон физички лица во вкупен износ од 14.254.665 денари, кои не биле вратени до крајот на годината. Овие средства не биле евидентирани како непризнаени расходи за даночни цели, поради што, како што се наведува во пријавата, не бил пресметан, пријавен и платен данок на добивка од 1.425.467 денари.

 – Со наведените дејствија, физичкото и правното лице не ги пресметале, не ги пријавиле и не ги уплатиле законски утврдените даночни обврски, со што го оштетиле Буџетот на Република Македонија за вкупен износ од 4.520.084 денари –  информираат од Управата за финансиска полиција.