Синоќа на платото пред Градскиот саат во Прилеп, пред многубројната случајна и неслучајна публика се одржа осмото издание на поетскиот перформанс „Љубење со стихови“ во органзиација на здружението ЗОКУМ од Прилеп.
Поетот Филип Димкоски и поетесата Лина Димоска пред многубројната неслучајна и случајна публика претставија дел од својата авторска поезија, како и избор од македонската поезија на добро познати литературни творци од различни генерации. Така, во центарот на градот, одекнаа стиховите на Лина Димоска и на Филип Димкоски, но и на Блаже Конески, Гане Тодоровски Јован Котески, Светлана Христова Јоциќ. Евгенија Шуплинова, Даница Ручигај, Тихомир Јанчовски, Вања Изова Велева…

– Настојуваме во секое издание да претставиме нов концепт, особено внимавајќи на редоследот на песните кој гради една поетска приказна, но и да откриеме по некој скриен бисер од македонската поезија. Така, овојпат акцент ставивме на првите две дами на македонската поезија, Даница Ручигај која е прва македонска поетеса со објавена збирка во 1960 година, и Евгенија Шуплинова, инаку долгогодишна новинарка во „Нова Македонија“ и уредничка на „Колибри“, со потекло од Тополчани, Прилепско, која неколку месеци подоцна во 1960 година ја објавува својата прва збирка поезија – рекоа организаторите.
На настанот прозвучеа и стихови од „Антологија на копнежот“ приредена од поетесата Виолета Танчева Златева, а Димкоски премиерно ја претстави својата песна „Како тревата“ поместена во двојазичната македонско-романска антологија „Мојата песна се фрла од мост“ која претставува прва антологија на македонска поезија објавена во Романија.
Првото издание на „Љубење со стихови“ се одржа во октомври 2023, а следното деветто издание е предвидено за февруари идната година.
Ф.Д.


































