Во периодот од 7 август 2025 до 20 август 2026 година, до Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) биле поднесени и разгледани вкупно 1.883 барања за остварување на правото на биомедицинско потпомогнато оплодување (БПО), од кои 237 се однесуваат на четврти, петти или шести обид.
Од ФЗО информираат дека проширувањето на правото на БПО до шест обиди, кое претходно не било достапно на товар на Фондот, не останало само законска можност, туку право кое осигурениците активно го користат.
Дополнителните обиди сочинуваат околу 12,6 проценти од сите барања разгледани во првата година од спроведувањето на законските измени.
– Од 237 поднесени барања, 216 се за четврти обид, 17 за петти и четири за шести обид. Зад секоја од овие бројки стои семејство кое добило уште една можност да продолжи таму каде што претходно системската поддршка завршуваше – се наведува во соопштението на ФЗО.
Проширувањето на правото на БПО до шест обиди било една од определбите во владината програма, а Фондот, како што посочуваат оттаму, пристапил кон брза и целосна реализација на мерката.
Паралелно со подготовката на законските измени, биле приспособени интерните акти, процедурите и системските решенија, со цел новото право да може веднаш да се применува без застој.
Измените на Законот за здравствено осигурување биле објавени во „Службен весник на РСМ“ број 144 на 17 јули 2025 година. Веќе на 7 август истата година, Комисијата за БПО ја одржала првата седница на која можеле да се разгледуваат барања за четврти, петти и шести обид.
Од ФЗО посочуваат дека реформата не се состоела само во зголемување на бројот на обиди, туку и во поедноставување на постапката. Воведена била електронска достава на известувањето за одобрено право на БПО, рокот за поднесување приговор бил продолжен од осум на 15 дена, а осигурените лица здравствените услуги за БПО ги остваруваат врз основа на известување од Фондот, без потреба од дополнителен упат од избраниот гинеколог.
За БПО-постапки реализирани во осум здравствени установи со кои Фондот има склучено договори, во 2025 година биле издвоени повеќе од 97,3 милиони денари.
– Здравствениот систем сам не може да ги промени демографските текови, но може да направи нешто многу конкретно – да обезбеди повеќе можности и финансиската пречка да не биде причината поради која едно семејство ќе мора прерано да се откаже од обидот за потомство – наведуваат од ФЗО.
Оттаму додаваат дека суштината на зголемувањето на бројот на обиди од три на шест не е само во измена на законските одредби или во дополнителен ваучер, туку во давањето уште една можност за семејствата кои се борат за потомство.
































