Фото: ОФМ

ВО ПРЕСРЕТ НА 34. ЕП ВО ОДБОЈКА ЗА МАЖИ

  • Капитенот Никола Ѓоргиев реализира 18 поени, Александар Љафтов и Филип Савовски по 10, Филип Маџунков седум, Владо Милев пет, а по четири поени впишаа Ѓорѓи Ѓорѓиев и Стојан Илиев

Машката одбојкарска репрезентација на Македонија го победи бугарскиот суперлигаш Берое 2016 со 3-1 во сетови (25-19, 25-16, 22-25, 31-29), во првиот пријателски натпревар одигран во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, во пресрет на учеството на претстојното Европско првенство (ЕП) од идната недела. Македонскиот селектор Јошко Миленкоски им даде шанса на поголемиот број од играчите што ги има на располагање на подготовките, информира Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ).
Капитенот Никола Ѓоргиев реализира 18 поени, Александар Љафтов и Филип Савовски по 10, Филип Маџунков седум, Владо Милев пет, а по четири поени впишаа Ѓорѓи Ѓорѓиев и Стојан Илиев.

Вториот пријателски меч со екипата на Берое 2016, која лани играше во плејофот во бугарската Суперлига, а имаше и настап во европскиот Челинџ-куп, беше предвиден за вчера, а третиот дуел е закажан за денеска.

На ЕП 2026 црвено-жолтите се во силната група Б, во Софија (Бугарија), заедно со домаќинот, кој е актуелен светски вицепрвак, потоа актуелниот европски шампион Полска, која минатиот месец триумфира и во Лигата на нациите, Украина, Португалија и со Израел.

Гледајќи ретроспективно, Русија (вклучувајќи ги и медалите освоени и како СССР) e најтрофејна на европските првенства со 22 титули и со најмногу златни медали (има вкупно 14 злата, три сребра и пет бронзи), Италија седум пати била европски шампион, а има 15 медали (седум злата, пет сребра и три бронзи), Чешка и Србија го делат третото место со по три злата, пишува ОФМ. Полска има 11 медали (две злата, пет сребра и четири бронзи). Шведска по пауза од 33 години ќе настапи на ЕП, а за Израел и за Швајцарија ова е второ ЕП во низа.

На четворица спортисти во историјата досега им успеало да освојат европски титули и како играчи и како селектори, Чехот Јозеф Чешпива во 1948 година, кога имал двојна улога и на играч и на селектор на својата репрезентација, Италијанецот Андреа Анастаси, како играч на ЕП 1989, а како селектор на ЕП 1999 со Италија, односно на ЕП 2007 со Шпанија, Италијанецот Фердинандо де Џорџи како одбојкар на ЕП 1989, а како селектор на ЕП 2021 со Италија и Србинот Никола Грбиќ како играч на ЕП 2001, а како селектор на ЕП 2023 со репрезентацијата на Полска. Г.И.