ФУДБАЛ
- Судиите ќе поддржат мерки што го забрзуваат рестартирањето на играта, го штитат нејзиниот интензитет, ги намалуваат непотребните одложувања и избегнуваат долго дополнително време, пишува УЕФА. „Ќе бидеме многу строги во овие ситуации. Сакаме да го забрзаме рестартирањето на играта и не сакаме да се додава долго дополнително време на натпреварите. Сите нови правила за задржување време веќе покажаа позитивни резултати и во домашните и во натпреварувањата на УЕФА, со повеќе време кога топката е во игра“, рече Росети, директор на УЕФА за судење
Јасноста и конзистентноста во судиските одлуки се клучни за континуираниот раст и успех на европскиот фудбал, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА). Директорот на УЕФА за судење, Роберто Росети, објасни како се спроведуваат ажурираните правила на играта во натпреварувањата на УЕФА, но и како се работи на обезбедување конзистентна примена на системот видеопомошник-судија (ВАР) низ цела Европа. Росети се сретна со колегите од сите 55 европски национални фудбалски асоцијации за да се договорат и да се усогласат околу клучните принципи што треба да се усвојат, при што секој клуб што се натпреварува во натпреварувањата на Европската фудбалска унија ќе добие брифинг пред да почне лигашката фаза, пишува УЕФА.
– Сакаме да ги имплементираме истите правила на играта не само во натпреварите на Европската фудбалска унија туку и низ целиот европски фудбал. Мора да бидеме доследни на теренот и усогласени во сите натпреварувања – рече Росети.
Фудбалските судии ќе поддржат мерки што го забрзуваат рестартирањето на играта, го штитат нејзиниот интензитет, ги намалуваат непотребните одложувања и избегнуваат долго дополнително време, пишува Европската фудбалска унија.
– Ќе бидеме многу строги во овие ситуации. Сакаме да го забрзаме рестартирањето на играта и не сакаме да се додава долго дополнително време на натпреварите. Сите нови правила за задржување време веќе покажаа позитивни резултати и во домашните и во натпреварувањата на УЕФА, со повеќе време кога топката е во игра – рече Росети.
Според новите фудбалски правила, опфатени се замените на играчите, потоа фудбалерите што добиваат медицински третман на теренот и изведувањата аути и гол-аути. Постојат и нови области каде што системот ВАР сега може да интервенира за да му помогне на судијата на теренот во донесувањето одлуки, како што се погрешен идентитет, неточен втор жолт картон, прекршоци од напаѓачките тимови пред топката да биде во игра, изведување гол-аути при кои може да има прекршоци со играње со рака, пишува Европската фудбалска унија.
Меѓународниот фудбалски борд (ИФАБ), законодавците во фудбалот, потврди дека некои од амандманите од сезонава се „опции за натпреварувањата“, кои треба да се спроведат со дискреционо право на организаторот на соодветното натпреварување, како неправилно досуден корнер, играчи што си ја покриваат устата и фудбалери што го напуштаат теренот во знак на протест, пишува УЕФА.
Европската фудбалска унија најави дека ќе продолжи да го гради пристапот успешно воведен на Европското првенство (ЕП) во 2024 година, со кој судиите ќе продолжат да им нудат информации на капитените на екипите за клучните одлуки на натпреварот и само капитенот треба да му се приближи или да разговара со судијата. Секој играч што го игнорира ова или покажува неспортско и непочитувачко однесување може да добие жолт картон, пишува УЕФА.
ВАР е суштинска алатка за елитниот фудбал и постои за да ги исправи јасните и очигледните грешки. Како што неговата употреба продолжува да се развива, важно е судиите да спроведат јасен, конзистентен процес на преглед на ситуациите, а Европската фудбалска унија верува во минимално мешање за максимална корист и е посветена на наоѓање поголема конзистентност во примената на системот ВАР, работејќи заедно со националните фудбалски асоцијации за да ги врати судиите на теренот во центарот на донесувањето одлуки, пишува УЕФА. Тоа значи примена на конзистентен пристап кон интервенциите на ВАР. Н.М.































