Дипломатска посета кон економско партнерство
Дводневната посета на министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на Израел, покрај официјалните билатерални разговори и потпишувањето повеќе документи, отвора простор односите меѓу двете земји да се согледаат и низ призмата на економијата, технологијата и трансферот на знаење.
За Македонија особено значаен потенцијал претставува пристапот до израелскиот модел на развој на иновативни компании, стартапи, дигитални решенија и високотехнолошки производи, области во кои Израел изгради силен меѓународен екосистем.
Според достапните информации, економската димензија на посетата е тежишна и се насочува кон отворање нови канали за инвестиции, заеднички технолошки проекти и партнерства меѓу компании, особено во ИКТ-секторот, вештачката интелигенција, сајбер-технологиите, земјоделството со висока додадена вредност, управувањето со водните ресурси и енергетиката.
Израелското искуство е особено релевантно за македонските компании не само како извор на капитал туку и како потенцијал за преземање практични бизнис-модели, управувачки решенија и стручност што може да ги зголеми продуктивноста и конкурентноста.
Податоците за трговската размена покажуваат дека просторот за раст е значителен. Имено, израелскиот извоз кон Македонија во 2025 година изнесувал околу 7,6 милиони долари, при што значаен дел отпаѓа на електрична и електронска опрема, технички и медицински апарати и машини. Тоа упатува дека идната соработка не мора да остане ограничена на класичната трговија, туку може постепено да се помести кон посложени форми на економско поврзување, и тоа технолошки трансфер, заеднички инвестиции, развој на производи и излез на македонски компании на нови пазари.
За домашната економија особено би биле вредни израелските искуства во поврзувањето на универзитетите, истражувачките центри, инвеститорите и приватниот сектор, со цел научното знаење побрзо да се претвора во комерцијални производи и услуги. Во таа насока, потенцијалната соработка би можела да опфати и програми за размена на експерти, менторство за стартапи, заеднички истражувачко-развојни проекти и воспоставување директни контакти меѓу македонски и израелски технолошки компании.
Особено е интересна можноста македонските компании да го користат Израел како врата кон глобалните иновациски мрежи наместо соработката да се сведува единствено на билатералната трговија. За земја со ограничен домашен пазар, токму ваквите партнерства можат да бидат инструмент за интернационализација на домашните производи, привлекување странски инвестиции и создавање работни места со повисока додадена вредност.
Од македонска перспектива, најголема корист од посетата би била доколку дијалогот се претвори во конкретна економска агенда со мерливи резултати за нови инвестиции, технолошки партнерства, извозни договори, заеднички стартапи и проекти за трансфер на знаење. Во услови кога дигитализацијата, вештачката интелигенција и зелените технологии стануваат главни двигатели на глобалната конкурентност, израелското искуство може да биде практична лекција за тоа како мала економија создава компании и технологии со глобален дострел.
Затоа, вистинската економска вредност на оваа посета освен што ќе се огледа во бројот на потпишани документи со економски содржини, ќе се огледа и во реалното создавање услови за трајно поврзување на македонскиот бизнис со израелскиот иновациски и инвестициски екосистем.
Токму претворањето на дипломатските контакти во конкретни бизнис-проекти, трансфер на стручно знаење (know-how) и пристап до современи технологии би можело да биде најзначајниот резултат за македонската економија.



































