Леа Ипи како авторка на книгата „Слобода“ добитничка на наградата „Букстар“

Познатата филозофка, авторка и професорка Леа Ипи, која живее и работи во Велика Британија, гостува на фестивалот „Букстар“, посветен на темата „Чуму слобода?“. Ипи во Скопје доаѓа како авторка на книгата „Слобода“, дело во кое преку личната и колективната историја го отвора едно од најважните и најсложените прашања на современото општество: што навистина значи да се биде слободен?

Книгата е истовремено филозофско истражување и лично сведоштво, во кое поимот слобода се разгледува низ различни историски, политички и општествени контексти. Преку искуствата од детството во Албанија во времето на комунизмот, транзицијата и подоцнежниот живот во Западна Европа, Ипи поставува прашања за границите меѓу личната и политичката слобода, за начинот на кој општествата го разбираат слободниот избор и за тоа колку нашата претстава за слободата зависи од времето и местото во кое живееме. Слободата може да биде лично искуство, но и политичко прашање, а подеднакво и творечки предизвик. Токму затоа за книгата „Слобода“ е добитничка на наградата „Букстар“ за 2026 година, за најактуелна книга во контекст на годинашното издание.

Наградата и беше доделена во понеделникот во „Лабораториум“, на преднастанот со кој „Букстар“ го започнува своето фестивалско патување кон главната програма во септември оваа година. За книгата и за одлуката таа да биде прогласена за добитник на наградата „Букстар“ зборуваше писателката и универзитетска професорка Ивана Трајаноска. По доделувањето следуваше разговор со Ипи, кој ќе го модерираше писателката и професорка Калина Малеска, која воедно е и преведувачка на книгата на македонски јазик. Разговорот се фокусираше на нејзиното книжевно и филозофско разбирање на слободата, на односот меѓу личното сеќавање и големите историски настани, како и на прашањето што останува од идејата за слободата кога таа ќе се соочи со реалноста.

Двете средби со Леа Ипи – поткастот „Гол ручек“ и свеченото доделување на наградата „Букстар“ – се прв дел од Фестивалот на европска литература, чија главна фестивалска програма ќе се одржи од 28 до 30 септември во Скопје.

Со темата „Чуми слобода!“, „Букстар“ ја поставува слободата како отворено прашање: дали таа е право, привилегија или одговорност? Колку сме навистина слободни во светот на алгоритмите, вештачката интелигенција и постојаната дигитална изложеност? И може ли книжевноста (сè уште) да биде простор за слободно мислење, преиспитување и отпор? Гостувањето на Леа Ипи и книгата „Слобода“ се природен и силен вовед во овие прашања.

Фестивалот на своето 12-то издание го отвора прашањето „Чуму слобода?, инспирирано од зборовите на Мартин Лутер Кинг Јуниор: „Никој не е слободен сè дури сите не сме слободни“. Фестивалот е повик да размислиме за слободата како една од највредните и најкревките човечки состојби. Во време кога границите – видливи и невидливи – повторно се појавуваат околу нас, книжевноста останува простор во кој мислата може да се движи без ограничувања. Слободата во пишувањето значи можност авторот да го постави прашањето што другите се плашат да го изговорат, да раскаже приказна што ја прикажува стварноста од нов агол и да создаде свет во кој различностите не се пречка, туку богатство. Токму затоа книжевноста отсекогаш била место на отпор, на имагинација и на дијалог. Со „Чуми слобода“, „Букстар“ ја слави слободата во нејзините многубројни облици: слободата на израз, на мисла, на движење, но и слободата да се биде свој. Преку разговори со автори, книжевни читања, отворени дискусии и фестивалски средби, ова издание ќе ја отвори темата за тоа како литературата ја чува, брани и постојано ја преосмислува идејата за слободата. Конечно слободни? или Барем слободни? – што значи тоа и дали е тоа едно исто? Или, во македонски контекст можеме да го зборуваме и за „Од Слобода или смрт! до Сонце на слободата!“ С.Ј.