ФУДБАЛ
Клубовите што ќе играат во Лигата на шампионите (ЛШ) се зафатени со сортирање на своите листи со фудбалери за сезоната 2026/2027, пред рокот за пријавување на тимовите, кој истекува на 2 септември, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА). За да учествуваат во натпреварите во ЛШ, клубовите доставуваат две листи, А и Б. Листата Б може да се менува во текот на сезоната и мора да биде доставена најдоцна до полноќ по средноевропско време на денот пред натпреварот за кој станува збор. Домашните преодни рокови се разликуваат, но, сите клубови мора да ги регистрираат своите листи за ЛШ до 2 септември и сите фудбалери што ќе бидат регистрирани потоа нема да може да играат во лигашката фаза, пишува УЕФА.
Клубовите имаат право да регистрираат најмногу 25 играчи на листата А во текот на сезоната, од кои најмалку двајца мора да бидат голмани. Како минимум, осум од тие 25 се резервирани исклучиво за „локално тренирани фудбалери“, а ниту еден клуб меѓу тие осум места не може да има повеќе од четири „играчи тренирани во соодветната федерација“. Доколку клубот има помалку од осум локално тренирани играчи во својот состав, тогаш максималниот број на фудбалери на листата А соодветно се намалува. „Локално трениран играч“ е фудбалер од соодветниот клуб што е регистриран во тој клуб цели три сезони помеѓу 15 и 21 година, а „играчите обучени од федерација“ се регистрирани во клубот или во други клубови поврзани со истата федерација цели три сезони помеѓу 15 и 21 година, пишува УЕФА. Клубовите што ќе играат во нокаут-фазата можат да регистрираат најмногу три нови играчи. Н.М.



































