МЕДИТЕРАНСКИ ИГРИ
- Сребро освоија Фати Вејсели и Реџеп Хајдарим, а бронза Ахмад Магомедов. За Македонија ова е четврто учество на медитеранските игри како самостојна држава, по настапите во Мерсин во 2013 година, Тарагона во 2018 година и во Оран во 2022 година, на кои освои 14 медали
Македонија ги освои првите медали на годинашните Медитерански игри (МИ) во италијанскиот град Таранто. На третиот ден од Игрите, борачите во слободен стил Фати Вејсели, Реџеп Хајдари и Ахмад Магомедов стигнаа до борбите за медал и обезбедија два сребрени и еден бронзен медал за македонската делегација.
Вејсели (категоријата до 74 кг) го освои среброто, откако во финалето загуби на поени (0-4) од Ислам Дудаев од Албанија. Вејсели претходно оствари три победи на патот до финалето, а особено драматично беше полуфиналето (5-3) против Јасин Јесил од Турција. Сребро освои и Хајдари (до 97 кг), откако во полуфиналето го совлада Французинот Адлан Висханов (3-2), а во финалето загуби од Даурен Куруглиев од Грција. Честа да му го додели сребрениот медал на Хајдари ја имаше претседателот на Македонскиот олимписки комитет (МОК), Даниел Димевски. Магомедов (до 86 кг) се бореше за бронзениот медал против Италијанецот Габриеле Николини и убедливо славеше (10-0 на поени) и со технички туш стигна до медал.
Вчера од македонските спортисти беа предвидени настапите на пливачот Стефан Тодоров на 50 метри слободен стил, во ритмичка гимнастика Илина Соколовска, во бокс Ален Рустемовски (до 60 кг), во тенис Кристијан Јанев, кој игра и во мешани двојки, и во борење Вероника Консевиќ, во борбата за бронзен медал.
За Македонија ова е четврто учество на медитеранските игри како самостојна држава, по настапите во Мерсин во 2013 година, Тарагона во 2018 година и во Оран во 2022 година, а на тие три настапи освои 14 медали (три златни, два сребрени и девет бронзени), сите во индивидуални спортови. Во Таранто, Македонија настапува со најмногубројната делегација досега на едни медитерански игри, со околу 130 члена, од кои 88 спортисти во 19 спорта. Г.И.



































