Зајакнување на оперативната соработка, побрза размена на податоци, олеснување на трговијата и поголема безбедност на границата биле главните теми на билатералната средба на царинските управи на Македонија и Косово, одржана во Приштина, пренесе МИА.
На средбата посебно внимание било посветено на концептот One-Stop Shop на граничниот премин Блаце – Хани и Елезит, кој има цел да ги поедностави царинските процедури и да овозможи побрз проток на стока и патници.
Двете страни разговарале и за унапредување на размената на податоци преку системот SEED, усогласување на процедурите, како и подобрување на инфраструктурата и капацитетите на граничните премини.
Во фокусот биле и реформите поврзани со европската интеграција и дигитализацијата на царинското работење, како и подготовките за усогласување со европските системи и стандарди.
Значаен дел од разговорите бил посветен на царинското разузнавање и размената на информации, со цел поефикасно откривање и спречување на царински измами, криумчарење и други форми на прекуграничен криминал.
Директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, истакнал дека целта е границата да овозможи што полесен проток за легалната трговија и патниците, но истовремено да остане ефикасна бариера против криминалот.
Од двете царински управи била потврдена подготвеноста за продлабочување на билатералната соработка и реализација на конкретни мерки за поефикасни царински постапки, олеснување на трговијата и зголемување на безбедноста во регионот.



































