Фото: Христијан Мицкоски/Фејсбук

Нема дефект во ПЕТ/КТ скенерот, туку во циклотронот, каде што се произведува радиофармацевтското средство 18F-FDG неопходно за прегледите, информира министерот за здравство Сашо Клековски, пренесе МИА.

Тој преку објава на „Фејсбук“ посочи дека дефектот е поврзан со сервисирањето на циклотронот и дека веќе се работи на негово отстранување.

Клековски најави дека по повторното ставање во функција, приоритет ќе имаат пациентите согласно насоките на клиниките за онкологија и хематологија.

Министерот посочи и дека, и покрај прекините во работата, бројот на извршени ПЕТ/КТ прегледи бележи значителен раст. Во 2025 година биле направени 2.703 прегледи, во споредба со 2.183 во 2022 година, што претставува зголемување од 520 прегледи, односно околу 23,8 проценти.

Според Клековски, зголемувањето е постигнато и покрај речиси двојно поголемиот број сервисни денови.

Тој оцени дека податоците покажуваат оти тимот на Универзитетскиот институт за позитронска емисиона томографија успешно го надоместува изгубеното време и продолжува да обезбедува прегледи за поголем број пациенти.

Клековски упати благодарност до медицинскиот тим и порача дека ќе продолжи да се работи на обезбедување поголеми можности за пациентите.