Фото: Маја Јаневска - Илиева

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изврши увид во модернизацијата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), каде беа презентирани новите лабораториски, технички и просторни капацитети на институцијата, пренесе МИА.

Директорот на УХМР, Игор Лазаровски, информираше дека во изминатите две години се реализирани повеќе инвестиции за унапредување на метеоролошките, хидролошките и лабораториските системи, како и за подобрување на условите за работа.

Во рамки на ИПА-проектот во Секторот за квалитет на води, набавена е современа лабораториска опрема вредна 671 илјада евра. За нејзино поставување и функционирање со буџетски средства биле реконструирани и адаптирани околу 200 квадратни метри лабораториски простор.

Дополнително, целосно бил реконструиран простор од околу 200 квадратни метри за нов прогностичко-синоптички центар. Инвестицијата од околу 250 илјади евра е обезбедена со поддршка од Владата на Швајцарија и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).

Според Лазаровски, новиот центар ќе овозможи подобро следење и анализа на временските услови, навремено прогнозирање на опасни појави и поефикасно издавање предупредувања. Во рамки на истиот проект, УХМР добил и две возила во вредност од околу 70 илјади евра, со што се зајакнати теренските капацитети.

Со средства од државниот буџет е реконструиран и простор од повеќе од 400 квадратни метри во објектот на УХМР на Зајчев Рид. Обновени се подовите и осветлувањето, со што се подобрени условите за работа.

Лазаровски информираше и дека метеоролошкиот радар во Ѓуриште е целосно дигитализиран, додека биле реновирани и објектите на УХМР во Охрид, Прилеп и Битола.

Со реализираните инвестиции се очекува да се подобри следењето на атмосферските процеси, детекцијата на опасни временски појави и системот за рано предупредување.

Премиерот Мицкоски ги оцени презентираните резултати како импресивни и најави понатамошна поддршка за развојот на УХМР. Сепак, посочи дека покрај современата опрема, клучен предизвик останува обезбедувањето доволно стручен кадар.

-Стручниот кадар е нешто што е многу важно. Се надевам дека во периодот што следи, покрај опремата која веќе е инсталирана, ќе обезбедиме кадар кој ќе може да работи на таа соодветна опрема – рече Мицкоски.