Фото: Маја Јаневска-Илиева

Пензионерите од септември ќе добијат ново зголемување на пензиите, потврди премиерот Христијан Мицкоски, посочувајќи дека станува збор за редовно законско усогласување, пренесе МИА.

Мицкоски изјави дека пензиите ќе се зголемат согласно процентот утврден со Законот за пензиското и инвалидското осигурување, додека конечниот износ на зголемувањето сè уште се пресметува.

-Да, тоа ќе биде редовно усогласување, нивелирање во согласност со законот – рече Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање по посетата на Управата за хидрометеоролошки работи.

Тој додаде дека понатамошните зголемувања ќе се вршат преку законското усогласување, наместо преку линеарно зголемување.

-Износот сè уште се пресметува. Ќе се знае многу бргу – посочи премиерот.

Согласно законската методологија, пензиите се усогласуваат двапати годишно, на 1 март и на 1 септември. При пресметката подеднакво се земаат предвид порастот на просечно исплатената плата и порастот на трошоците на живот.

Во изминатите две години пензионерите добија линеарно зголемување на пензиите од вкупно 7.000 денари.