Фото: ЕПА

НОВИТЕТИ ЗА УЛТИМАТИВНОТО ПЛАНЕТАРНО ПРВЕНСТВО

  • Светско финално првенство во атлетика е ново глобално натпреварување што ќе дефинира кој е најдобар од најдобрите, а еден против друг ќе се натпреваруваат светски и олимписки прваци, победници на Дијамантската лига и атлетичари со најдобри резултати во годината, за да го крунисаат врвниот шампион, пишува СА

Светската атлетика (СА) објави серија иновации во натпреварувањето и во техничките прописи пред Ултимативното светско првенство во атлетика во септември во Будимпешта (Унгарија). Така, на пример, нема повеќе нерешени резултати во натпреварите во вертикалните скокови. Во согласност со основниот концепт на Ултимативното првенство, натпревар дизајниран да утврди кој е најдобриот од најдобрите, нема да има нерешени резултати за прво место во вертикалните скокови. Нерешениот резултат за првото место ќе се реши со плејоф, односно со нови скокови помеѓу изедначените атлетичари.

Атлетичарите што се натпреваруваат на трките на 200 метри ќе ја изберат својата претпочитана полуфинална трка и патека според светската ранг-листа во живо. Овој концепт се тестира на 200 метри како дел од смел напор да се трансформира стандардниот анонимен процес на распределба на патеките во производ фокусиран на спортистот што генерира анализа и разговор пред да почне натпреварот, пишува СА. Освен за вертикалните скокови, пласманот понатаму во техничките дисциплини ќе го користи форматот 8:8:6:4 во текот на четири рунди. Во првото и во второто коло сите осуммина ќе имаат право на по еден обид, во третото коло шесте највисокорангирани по второто коло ќе имаат право на нов обид, а во четвртото и последно коло четирите највисокорангирани по третото коло ќе имаат право на уште еден обид.

Ова Светско финално првенство во атлетика е ново револуционерно глобално натпреварување што ќе дефинира кој атлетичар е најдобар од најдобрите, а еден против друг ќе се натпреваруваат светски шампиони, олимписки прваци, победници на Дијамантската лига и атлетичарите со најдобри резултати во годината, за да го крунисаат врвниот шампион, пишува СА. Ова натпреварување ќе има рекорден награден фонд од 10 милиони долари, при што освојувачите на златни медали ќе добијат 150.000 долари. Ова првенство ќе се одржува секои две години. Замислен како големо финале на сезоната со цел да одушеви милиони телевизиски гледачи во светот, шампионатот ќе понуди возбудлив и брз нов формат за атлетика, откако ќе се одржува во три вечерни сесии, секоја пократка од три часа, во спринтови, трки на средни и на долги патеки, штафети, скокови и фрлања. Н.М.