Цената на биткоинот утрово ја надмина границата од 80.000 долари и достигна највисоко ниво во последните три месеци, поттикната од слабеењето на американскиот долар и зголемениот интерес на инвеститорите за алтернативни средства.
Најголемата светска криптовалута во раното азиско тргување достигна 81.237,94 долари, а потоа се тргуваше за околу 80.323 долари, објави Ројтерс. Тоа е нејзината највисока вредност од средината на мај.
Биткоинот за една недела поскапе за околу 25 проценти, додека од почетокот на август неговата вредност е зголемена за 28 проценти. Доколку растот продолжи, ова би бил неговиот најдобар месечен резултат од ноември 2024 година.
Растот беше поддржан и од враќањето на капиталот во американските берзански фондови поврзани со биткоинот. Според пазарните податоци, овие фондови минатата недела привлекле околу 1,9 милијарда долари, што е нивниот најголем неделен прилив во последните десет месеци.
Дополнителен поттик даде таканаречениот „шорт сквиз“ (short squeeze), при кој растот на цената ги принудува инвеститорите што се обложиле на нејзин пад да ги затворат своите позиции. Во изминатите денови биле ликвидирани кратки позиции во криптовалути вредни повеќе милијарди долари, што дополнително го забрзало растот.
Позитивното расположение следуваше и по најавата на американското Министерство за финансии дека ќе ги удвои откупите на долгорочни државни обврзници, од две на најмалку четири милијарди долари по операција.
Оваа одлука привремено ги намали приносите на долгорочните обврзници и го ослабе доларот, зголемувајќи го интересот за биткоинот и златото. Загриженоста поради инфлацијата, американскиот јавен долг и можноста за натамошно слабеење на доларот дополнително ја засили побарувачката за средства со ограничена понуда.
На растот влијаеше и повикот на американскиот претседател Доналд Трамп до Конгресот да усвои закон што попрецизно ќе го регулира секторот на криптовалутите.
И покрај силното закрепнување, биткоинот сè уште е значително под рекордната вредност од околу 126.000 долари, достигната во октомври минатата година.


































