Фото: ЕПА

Хари Кејн е избран за фудбалер на годината во Германија за 2026 година, станувајќи првиот Англичанец што ја освоил наградата, пишува „Би-би-си“. Напаѓачот на Баерн постигна 61 гол во сите натпреварувања минатата сезона, а неговиот тим освои двојна круна со трофеите во лигата и во Купот и стигна до полуфиналето на Лигата на шампионите.

Фудбалерите од Бундеслигата или германските играчи што настапуваат во странство се кандидати за наградата, која ја организира списанието „Кикер“ и за која гласаат 695 члена на германското здружение на спортски новинари. Кејн доби 272 гласа, а неговиот соиграч од Баерн, Мајкл Олисе, беше втор, со 203 гласа.
– Речиси е невозможно да се пронајдат вистинските суперлативи за да се опише Кејн, понекогаш немам зборови. Тој веќе е прогласен за фудбалер на годината во Англија, а сега ја освои наградата и во Германија – рече спортскиот директор на Баерн, Макс Еберл, пренесе „Би-би-си“.

Капитенот на репрезентацијата на Англија е меѓу кандидатите за освојување на „Златната топка“ за 2026 година, која ќе биде доделена во Лондон во октомври. Тренерот на Баерн, Винсент Компани, беше прогласен за тренер на годината, а капитенката на женскиот тим на Баерн, Џулија Гвин, ја освои наградата за најдобра фудбалерка, пишува „Би-би-си“.

Кејн и Компани ќе бидат наградени пред мечот од првото коло сезонава на Баерн во Бундеслигата, со Штутгарт, дома. Баерн ја почна сезоната со освоен трофеј, во саботата, откако ја победи Борусија Дортмунд во германскиот Суперкуп, со 2-1. Кејн неодамна ја доби и наградата „Златна копачка“ за 2026 година за најдобар стрелец во најдобрите европски лиги минатата сезона, пишува „Би-би-си“. Н.М.