Трпаноски (десно) го презема знамето на ЕЏУ од претседателот Ласло Тот, во присуство на претседателот на Британското џудо, Гери Галтиери - Фото: ЕЏУ

СКОПЈЕ ВО 2027 ГОДИНА ЌЕ БИДЕ ДОМАЌИН НА ЕП ВО ЏУДО ЗА УНИФОРМИРАНИ СЛУЖБИ

  • Организацијата на еден ваков европски настан е значајна не само за ЏФМ туку и за Македонија. Тоа е можност повторно да ја претставиме нашата земја пред европската спортска јавност како способен и гостопримлив домаќин и да создадеме дополнителен мотив за развој на џудото кај нас, вели претседателот на ЏФМ, Владимир Трпаноски

Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ) доби уште едно големо признание и доверба од Европската џудо-унија (ЕЏУ). Македонија ќе биде домаќин на Европското првенство (ЕП) за униформирани служби во 2027 година. На свечената церемонија одржана во рамките на тоа ЕП во Бирмингем (Велика Британија) беше извршено и официјалното примопредавање на знамето на ЕЏУ на следната земја-домаќин, Македонија.
– Преземањето на знамето на ЕЏУ, за мене лично, но пред сѐ за ЏФМ, претставува голема чест, гордост и обврска. Фактот што Македонија во 2027 година ќе биде домаќин на ЕП за униформирани служби е уште една потврда за довербата што ЕЏУ ја има во нашата федерација и во организациските капацитети. Во изминатите години покажавме дека Македонија може успешно да организира големи европски џудо-настани според највисоките стандарди на ЕЏУ. Доделувањето уште едно ЕП е признание за целиот наш тим, за луѓето што посветено работат во македонското џудо, но и за институциите и за партнерите што континуирано ни даваат поддршка – ни изјави од Бирмингем претседателот на ЏФМ, Владимир Трпаноски, кој заедно со техничкиот секретар и селектор на сениорската репрезентација на Македонија, Горан Мицкоски, присуствуваше на првото вакво ЕП во џудо.

Годинашниот домаќин и организатор, претставуван од претседателот на Британското џудо, Гери Галтиери, по завршувањето на ЕП, свечено му го предаде знамето на претседателот на ЕЏУ, Унгарецот Ласло Тот, кој, пак, потоа, во име на ЕЏУ, му го врачи на претседателот на ЏФМ, Владимир Трпаноски, со што Македонија и официјално ја презеде улогата на следен домаќин на ова значајно ЕП. Овој пат Македонија ќе ги пречека најдобрите џудисти од униформираните служби на европските држави.

– Ова ЕП има посебно значење, бидејќи ги обединува спортот и униформираните служби и ги промовира вредностите што се суштински и за џудото – дисциплина, почит, одговорност, храброст и меѓусебна соработка. Организацијата на еден ваков европски настан е значајна не само за ЏФМ туку и за Македонија. Тоа е можност повторно да ја претставиме нашата земја пред европската спортска јавност како способен и гостопримлив домаќин и да создадеме дополнителен мотив за развој на џудото кај нас. Знамето што го презедовме во Бирмингем е симбол на довербата што ни е дадена, но истовремено и на одговорноста што ја преземаме. Од овој момент почнува нашата мисија, а тоа е во 2027 година во Скопје да организираме ЕП со кое ќе се гордеат и ЏФМ и цела Македонија. Убеден сум дека со поддршка од ЕЏУ, Министерството за спорт, Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана и надлежните институции и сите наши партнери повторно ќе покажеме дека Македонија може да биде одличен домаќин на најзначајните европски џудо-настани – изјави Трпаноски.

ЏФМ, во соработка со ЕЏУ и со надлежните државни институции, сега ќе ги насочи сите свои капацитети кон подготовка и реализација на уште еден европски спортски настан на највисоко организациско ниво, како впрочем и досега. Знамето е преземено. Следната станица е Македонија. Добре дојдовте во Скопје во 2027 година, задоволно велат од ЏФМ. Г.И.