Во Основниот кривичен суд Скопје денеска во 10 часот треба да почне судењето на поранешниот вицепремиер Артан Груби и уште седум лица за наводните злоупотреби во АД „Државна лотарија“.
Предметот преку автоматска распределба ѝ е доделен на судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски.
Основното јавно обвинителство Скопје на 13 август поднесе обвинение против осумте лица како соизвршители на кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластувањето.
Според обвинението, во текот на 2023 и 2024 година тие заеднички презеле дејства со кои ги пречекориле своите овластувања и должности, со намера да ѝ нанесат штета на „Државна лотарија“. Штетата е проценета на 507.632.173 денари, односно околу 8,2 милиони евра.
За делото што им се става на товар е предвидена затворска казна до пет години.
Првообвинет е поранешниот директор на „Државна лотарија“, Прпарим Бајрами, кој сè уште е недостапен за органите на прогонот. Обвинителството побарало да му биде определен 30-дневен притвор, кој ќе се применува од денот на неговото пронаоѓање.
Второобвинетиот Артан Груби се наоѓа во куќен притвор, кој му е продолжен до 13 септември. Нему му е одземена патната исправа, а изречена му е и забрана за издавање нова патна или друга исправа за преминување на државната граница.
Груби, по повеќе од 14 месеци недостапност за органите на прогонот, во февруари годинава се врати во земјава и беше приведен на граничниот премин Блаце. По распитот, притворот што претходно му беше определен во отсуство беше заменет со куќен притвор поради безбедносни причини.


































