Ивица Боцевски
Каква улога играше уставниот национализам во државите наследнички на Југославија? Крајот на Студената војна во 1989 година (или некоја година потоа) беше протолкуван од познатиот американски интелектуалец Франсис Фукујама како „крај на историјата“, кога тој ги прогласи либералната демократија и пазарното стопанство како конечни концепти за организација на општествата. Во тој дух, долго време случувањата низ посткомунистичка Европа беа објаснувани како „либерални револуции“, кои им овозможија на некогашните членки на Варшавскиот пакт „враќање дома во Европа“.
Токму затоа, клучни аспекти на новите устави во посткомунистичките земји беа институциите на владеењето на право и на правната држава, човековите права и слободи, како и концептот на конституционализам. Меѓутоа, крајот на Студената војна во Европа повторно го ослободи и духот на национализмот, особено неговата отровна етничка верзија. Тие жестоки ветришта на историјата не одминаа ниту една посткомунистичка држава. Оттука, посткомунистичкиот конституционализам секаде има тежок печат на етничкиот национализам. Ова веројатно произлегува од потребата да се нагласи дека нациите се повторно слободни од „јаремот“ на туѓинската доминација или окупација. Интересен факт е и тоа што сите држави наследнички на трите социјалистички сојузи, СССР, СФРЈ и ЧССР, побрзаа да ги прогласат свежо распаднатите федерации за некакви „темници на народите“, па сега „ослободените“ народи се враќаа на „вистинската страна од историјата“, ја обновуваа зацртаната национална историска врвица и се враќаа кон Европа.
До ден–денес ниту една посткомунистичка држава не успеа да ја реши оваа дилема помеѓу, условно кажано, уставниот патриотизам, односно обидот да се воспостави нов поредок, втемелен на човековите права и слободи, еднаквоста на сите граѓани и владеењето на правото, од една страна, како и уставниот национализам, кој ги дефинира државите како историски триумф на „титуларната нација“. Тензијата се создава поради спротивставените цели на уставниот патриотизам, еднаквост и вклученост на сите граѓани, и на уставниот национализам, симболична предност на титуларната нација што „другите“ го толкуваат како нивно исклучување од општествата. Оваа состојба дополнително ќе се усложнува со мобилноста што ја нуди единствениот пазар на Европската Унија и на сѐ повеќебројниот наплив на економски доселеници од другите континенти.
Самиот распад на Југославија има и своја нормативна димензија, која е предмет за посебен осврт и цел серијал написи. Тука ќе се сосредоточам само на еден аспект од сиот тој процес, конкретно на пишувањето на првите демократски устави во секоја република. Тогаш повторно се преотвори прашањето „кој е граѓанинот“, односно кој е вклучен, кој е исклучен и кому му припаѓа државата. Притоа интересно е да се набљудуваат паралелите меѓу Македонија и Хрватска во таа точка на историјата. Сличностите поаѓаат од фактот што и во двете републики е присутно значајно малцинство што дури претставува и мнозинство во многу области, но разликата се состои во тоа што Србите беа многу повеќе интегрирани во хрватското општество отколку што тоа беше случај со Албанците во Македонија (за претходните историски искуства и на двете заедници нема да стане збор во оваа колумна, но тие збиднувања се секако дел од колективното сеќавање на сите вклучени протагонисти во збиднувањата). Во уставите од 1974 година се оди мошне широко и инклузивно во „националните дефиниции“, па така, Социјалистичка Република Македонија е „национална држава на македонскиот народ и држава на албанската и турската народност во неа“, додека, пак, Социјалистичка Република Хрватска е „национална држава на хрватскиот народ, држава на српскиот народ во Хрватска и држава на другите народи и народности што живеат во неа (nacionalna država hrvatskog naroda, država srpskog naroda u Hrvatskoj i država drugih naroda i narodnosti koje u njoj žive)“. Притоа, текстовите на преамбулите на двата устава јасно укажуваат кои се „титуларните нации“ во двата случаја, односно македонскиот народ во Македонија и хрватскиот народ во Хрватска.
Разбудениот национализам, како и општото чувство за сеопшта загрозеност, во последните години пред распадот на Југославија, доведе до оживување и на уставните расправи. Најгласни ќе бидат барањата за „чисто“ дефинирање на републиките како национални држави на титуларната нација и бришење на сите други од уставните дефиниции. Клучна причина за овие стремежи ќе биде заштитата на интегритетот на републиките затоа што се сметаше дека уставната дефиниција на „албанската народност“ во Македонија и на „српскиот народ“ во Хрватска го повлекува и нивното право за самоопределување, вклучително и правото на отцепување. Како што веќе опишав во претходната колумна, во Македонија албанската и турската народност ќе се избришат од уставната дефиниција на нацијата со уставниот амандман LVI од јули 1989 година. Тоа е ситуацијата пред првите повеќепартиски избори во овие две републики.
Интересно паралела е и лошата процена на тогаш владејачките комунисти и во двете републики да се соочат со духот на времето и да го предвидат доаѓачкиот националистички бран. Сметајќи дека граѓаните ќе го отфрлат екстремизмот, македонските и хрватските комунисти ќе изберат двокружен мнозински систем за избор на пратеници во тогаш новите законодавни тела, мислејќи дека нивната победа ќе биде сигурна во вториот круг кога ќе се соочуваат со своите националистички (или граѓански) противници. Но се случи токму обратното, при што македонските комунисти поминаа многу подобро, а во хрватскиот случај комунистите ги спаси токму отфрлањето на екстремизмот во етнички мешаните средини. Сепак, значајна разлика е тоа што во Македонија првите демократски избори создадоа консолидирано политичко движење на етничките Албанци во коалицијата ПДП-НДП, додека, пак, во Хрватска, Србите главно беа претставени преку поранешните комунисти и неколку други изборни листи, а националистичката Српска демократска странка успеа да избере пратеници само во етнички хомогените српски средини, и тоа во некои од најнеразвиените подрачја на Хрватска и воопшто Југославија.
Во пишувањето на новите устави и на двете републики ќе биде јасно потцртан концептот на уставен национализам. Па така, во новиот божиќен устав од 24 декември 1990 година, Хрватска ќе добие нова национална дефиниција во преамбулата како „национална држава на хрватскиот народ и држава на припадниците на другите народи и малцинства што се нејзини државјани: Срби, Муслимани, Словенци, Чеси, Словаци, Италијанци, Унгарци, Евреи и други (nacionalna država hrvatskoga naroda i država pripadnika inih naroda i manjina, koji su njezini državljani: Srba, Muslimana, Slovenaca, Čeha, Slovaka, Talijana, Madžara, Židova i drugih)“. Развојот на настаните во Хрватска ќе се зацрта уште од уставните амандмани од јули 1990 година, што ќе ги хомогенизира сите пратеници во хрватскиот Сабор од српска националност во противењето кон предложените решенија што, во нивни очи, ги исклучуваат Србите од уставната дефиниција на новата хрватска држава и ги претвораат прекуноќ од „конститутивен народ“ во „граѓани од втор ред“, па нивниот одговор ќе биде бојкот на гласањето за новиот хрватски устав во 1990 година. Оваа етничка хомогенизација ќе ги замолкне умерените гласови и на двете страни од етничката поделба, па ќе доведе и до распишување референдум за автономија на Србите, спроведен помеѓу 19 август и 2 септември 1990 година, со прашањето „Дали сте за српска автономија?“. Нормално, хрватските власти го прогласија овој чин за неуставен и незаконски, но Српскиот национален совет, ново тело составено од избраните претставници на Србите во Хрватска, главно од националистичката СДС, врз основа на резултатите од изјаснувањето прогласија нова федерална единица на Србите во Хрватска, која подоцна ќе го добие името Република Српска Краина.
Македонија, исто така, го следеше патот на уставниот национализам и во чекор го следеше хрватскиот пример, но сосема очекувано и Албанците во Македонија се инспирираа од политичката активност на Србите во Хрватска. Па така, во преамбулата на првиот устав беше впишана новата уставна дефиниција како „национална држава на македонскиот народ во која се обезбедува целосна граѓанска рамноправност и трајно сожителство на македонскиот народ со Албанците, Турците, Власите, Ромите и другите националности кои живеат во Република Македонија“. За време на уставната дебата ПДП-НДП ќе приложи и свој поднесок преку Декларацијата за рамноправниот статус на Албанците во Македонија од 29 јули 1991 година, но овој текст ќе биде комплетно игнориран при расправите и покрај неговиот граѓански карактер. Самата дебата, пак, за новиот устав дојде буквално до точка на пукање кога првично беше изгласан амандманот со кој Македонија се прогласуваше за „матична држава на македонскиот народ“, што предизвика по првпат во историјата пратениците Албанци демонстративно да го напуштат Собранието, но здраворазумските гласови ја однесоа победата, па утредента беше повлечен овој предлог. Меѓутоа, и во македонскиот случај дојде до бојкот на гласањето за новиот устав, па и во македонското собрание, како и во хрватскиот сабор, сите пратеници од најмногубројното малцинство го одбија новиот највисок правен акт. Ете, тука беше фабричката грешка на првиот македонски демократски устав. За волја на вистината, тешко е веројатно дека можеше да се избере поинаков пат на инклузивност и на уставен патриотизам. Општеството уште не беше подготвено за еден таков сериозен исчекор, немаше ниту еден сличен пример каде што се појде во таква насока, а и хаотичниот распад на југословенската федерација не создаваше атмосфера за различни промислувања.
Албанците во Македонија избраа да го копираат примерот на Србите од Хрватска и во својот одговор кон изгласаниот устав, па и тука се случи референдум на 11 и 12 јануари 1992 година, со прашање „Дали сте за политичко – територијална автономија на Албанците во Македонија?“, а потоа дојде и до прогласување на република Илирида, од страна на пратеникот Мерсим Положани, одлука што веднаш беше замрзната.
Една од сличностите помеѓу Македонија и Хрватска се наоѓа и во фактот што Србите во Хрватска и Албанците во Македонија се противеа на доаѓачката независност на двете републики затоа што сметаа дека тоа ќе ги одвои од етничките собраќа во остатокот од Југославија. Србите сметаа дека Југославија овозможува државно единство на српскиот народ, а Албанците во СФРЈ не сакаа нови државни граници помеѓу нив. Радикалните гласови и кај Србите во Хрватска, но и кај Албанците во Македонија, веќе повикуваа на отворено отцепување и присоединување со „матиците“, што, пак, предизвикуваше жестока реакција кај Хрватите и Македонците. Во српскиот случај потоа и дојде до реакција од „матицата“ во Белград, додека, пак, во албанскиот случај се создаде координација помеѓу политичките партии на Албанците од сите ентитети (Косово, Македонија, Црна Гора и Србија), предводена од Демократскиот сојуз на Косово. Албанија секако дека ги следеше состојбите, но се соочуваше со огромни внатрешни проблеми по падот на социјализмот за да може посериозно да се занимава со Албанците надвор од „матицата“. Улогата на САД, на клучните земји од тогашната Европска економска заедница и на регионалните сили, како Турција, бара посебна анализа, но и тука дојде до големи разлики во приодот кон прашањето на Србите во Хрватска и на Албанците во Македонија иако првичните реакции беа многу слични и повикуваа на сериозен внатрешен демократски дијалог и во двете републики.
Клучно за оваа историска приказна е фактот што по таа точка, односно по изгласувањето на новиот Устав, бојкотот и етничките референдуми, Македонија и Хрватска, како и нивните најмногубројни малцинства, избраа да отидат во различни насоки. Во хрватскиот случај се случи отворена, долготрајна и крвава војна, додека, пак, Македонија појде кон патот на приспособување.
Како течеше тоа приспособување во 1990-те ќе биде предмет на следниот текст од овој серијал.

































