Случајот што ја потресе официјална Љубљана
- Шефицата на словенечката држава, односно претседателката Наташa Пирц Мусар, со години приватно патувала во Русија со блиска пријателка, која, пак, на времето била во врска со поранешен висок словенечки разузнавач. Словенечката разузнавачко-безбедносна агенција (СОВА), задолжена за собирање и анализа на разузнавачки информации од значење за националната безбедност на Словенија, тврди дека не детектирала безбедносен ризик. Сепак, прашањата се отворија во јавноста
Автор: Ангел Митревски,
постојан соработник на „Нова Македонија“ од Хрватска
Претседателката Наташa Пирц Мусар се најде под политички и медиумски притисок откако словенечкиот „Дневник“ и австриската новинска агенција APA објавија детали за нејзините патувања во Русија. Според нивните анализи, од 2015 година таа најмалку седум пати се нашла на истите списоци на патници со нејзината долгогодишна пријателка Викторија Криволуцка. Од кабинетот на претседателката велат дека нема ништо недозволиво ниту мистериозно и дека „патувањата биле приватни и туристички“.
Но токму тука започнува приказната во јавноста. На прв поглед, тоа може да изгледа како обична приказна за приватни патувања, стари пријателства и за еден животен период што одамна завршил. Но кога станува збор за претседател на држава, а дестинацијата е Русија, кога во приказната се појавува жена со руско-словенечко државјанство, а нејзиниот поранешен партнер бил висок функционер на словенечката разузнавачка служба, границата меѓу приватното и државното станува многу порозна. Токму тоа деновиве се случува во Словенија.
Седум патувања, една дестинација
Словенечката претседателка Пирц Мусар не го крие фактот дека пред да стане претседателка често патувала во странство. Од нејзиниот кабинет велат дека посетила повеќе од 80 држави и дека во Русија одела приватно, со семејството или со пријателите. Сепак, бројката „седум посети на Русија“, повторно го привлече вниманието. Толку пати, според податоците објавени од „Дневник“ и APA, Пирц Мусар и Криволуцка се појавувале заедно на патнички списоци за Русија од 2015 година наваму. Особено е интересен периодот од крајот на 2021 и почетокот на 2022 година. Според податоците што ги пренесува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ), Пирц Мусар престојувала во Русија од 26 декември 2021 до 7 јануари 2022 година. Само нешто повеќе од еден месец подоцна, на 24 февруари, Русија ја започна својата специјална воена операција врз Украина. Но важно е да се нагласи дека во моментот на патувањето Пирц Мусар сè уште не била претседателка, ниту официјално била влезена во претседателската трка. Нема објавени докази дека патувањето имало политичка или разузнавачка цел.
Која е другата дама во центарот на случајот?
Викторија Криволуцка е личноста околу која се испреплетуваат најчувствителните детали. Таа е руско-словенечка државјанка и, според описот на претседателката, нејзина најдобра пријателка речиси две децении. Но истрагата на „Дневник“ и APA открила нешто што приказната ја прави многу посложена. Имено, Криволуцка во минатото била во врска со Роман Јеглич, поранешен висок функционер на словенечките безбедносни структури. Криволуцка и Јеглич во 2009 година биле пријавени на иста адреса во Краснојарск, Сибир. Криволуцка подоцна потврдила дека двајцата биле во врска и извесен период живееле заедно додека работеле во претставништва на словенечки компании во Русија. Таа, сепак, тврди дека во тоа време не знаела за неговото разузнавачко минато и дека со него повеќе од 15 години нема никаков контакт. Исто така, категорично ги отфрла тврдењата за каква било поврзаност со странски разузнавачки служби.
Кое е, пак, лицето Роман Јеглич?
Името на Роман Јеглич во Словенија не е непознато. Неговата биографија се протега назад до бурните години пред распадот на Југославија. Во 1988 година, како началник на службата за сузбивање криминал, Јеглич ја потпишал кривичната пријава по која реагирале надлежните словенечки институции, што довело до апсење на Јанез Јанша во познатата афера ЈБТЗ. За потсетување, аферата ЈБТЗ беше еден од клучните политички процеси непосредно пред распадот на поранешна Југославија. Аферата се случи во Словенија во 1988 година и често се смета за еден од настаните што ги забрзале словенечката демократизација и подоцнежната независност. Имено, ЈБТЗ е кратенка од презимињата на четворицата обвинети, Јанез Јанша – тогашен соработник/новинар на словенечкиот неделник „Младина“, потоа Иван Борштнер – припадник на ЈНА, Давид Тасиќ – новинар на „Младина“, и Франци Заврл, уредник на „Младина“. Во весникот „Младина“ биле објавувани остри критики кон Југословенската народна армија (ЈНА) и југословенскиот политички систем. Во 1988 година до редакцијата стигнал доверлив воен документ поврзан со плановите на ЈНА во случај на политичка криза во Словенија. На 31 мај 1988, Јанша и Иван Борштнер биле уапсени под сомнение дека оддале/поседувале воена тајна. Неколку дена подоцна бил уапсен и Давид Тасиќ, а обвинет бил и Франци Заврл. Да се вратиме на случајот со Роман Јеглич, кој тогаш работел во безбедносните служби. Имено, од 1991 до 1993 година, Јеглич бил заменик-директор на словенечката ВИС – тогашната безбедносно-информативна служба, претходник на денешната СОВА. По внатрешни конфликти и контроверзии во средината на 1990-тите, тој заминал во Русија. Според податоците до кои дошле „Дневник“ и APA, таму работел како претставник на словенечки компании, меѓу кои и „Горење“, во Краснојарск. Но тука треба де се издвои еден важен елемент. Иако неговото минато е несомнено поврзано со словенечките разузнавачки структури, нема објавен доказ дека Јеглич некогаш работел за руските разузнавачки служби. Токму тоа го нагласуваат и извештаите од медиумите што ја следат аферата. Со други зборови: постои разузнавачко минато, постои Русија, постои поранешна партнерка и постојат патувања на сегашната претседателка. Но засега нема јавно докажана разузнавачка операција.
Името „Руска дача“ додава уште еден безбедносно-интересен момент
За волја на вистината, оваа приказна добива уште една необична димензија. Имено, според новинарското истражување на „Дневник“, во 2010 година Криволуцка станала прокурист на компанијата „Руска дача“, чиј сопственик е Алеж Мусар – сопругот на словенечката претседателка. Тоа повторно само по себе не докажува ништо незаконско. Но кога сите овие детали ќе се постават еден до друг, се создава мрежа од односи што е доволно необична за да предизвика интерес кај јавноста. Имено, претседателка, блиска пријателка со руско државјанство, нејзин поранешен партнер – некогашен висок разузнавач – и компанија поврзана со сопругот на претседателката. Токму ваквите преклопувања се она што ја прави приказната политички чувствителна.
СОВА: Не најдовме безбедносно релевантни околности
И тогаш на сцената стапува словенечката разузнавачка служба СОВА. Криволуцка во 2016 година била подложена на безбедносна проверка пред да го добие словенечкото државјанство. СОВА сега потврдува дека во таа проверка не биле утврдени безбедносно релевантни околности. Уште поважно, службата наведува дека подоцна не добила информации што би ја промениле тогашната процена. Доколку се појават информации што би укажале на безбедносен ризик за претседателката или за националната безбедност, СОВА вели дека ќе ги информира надлежните институции. Тоа е клучниот дел од одбраната на претседателскиот кабинет. Од нивна перспектива, нема пропуст. Лицето било проверено, не бил утврден ризик, а претседателката немала причина да биде предупредена. Но за јавноста останува едно друго прашање. Дали безбедносната процена од 2016 година е доволна за да ги затвори сите прашања што се појавиле речиси една деценија подоцна?
Пирц Мусар: Никогаш не сум го запознала Јеглич
Кабинетот на Пирц Мусар тврди дека претседателката во времето кога Криволуцка и Јеглич биле во врска сè уште не ја познавала својата денешна пријателка. Оттаму велат и дека Пирц Мусар никогаш лично не го запознала Јеглич, ниту тој бил познат на нејзиното најтесно семејство. Според информациите со кои располага кабинетот, Криволуцка и Јеглич повеќе од 15 години немаат контакт. Треба да се издвои дека најголемата опасност во ваквите приказни е од три одделни факти да се создаде една, наводна причинско-последична врска.
Според многумина аналитичари, фактот дека двајца луѓе некогаш биле во врска не значи дека нивните подоцнежни контакти имаат разузнавачка природа. Фактот дека некој има руско државјанство не значи дека претставува безбедносна закана. И, конечно, фактот дека некој седум пати патувал во Русија не е доказ за шпионска активност. Но во политиката, особено во ерата на руската инвазија врз Украина, ваквите детали имаат тежина што пред десет или петнаесет години можеби ја немале.
Сè почна со една сообраќајка
Иронично, случајот не излезе во јавноста поради некоја тајна операција, дипломатски скандал или разузнавачки документ. Приказната доби замав по сообраќајната несреќа во која Пирц Мусар учествуваше на 31 јули во тунелот Кастелек, при враќање од Хрватска. Во едно од полициските возила што биле дел од придружбата се наоѓала и Криволуцка. Токму потоа започна канонада од прашања… кој патува со претседателката, кој има пристап до неа и дали лицата од нејзиното блиско опкружување претставуваат безбедносен ризик? Потоа, оттаму истрагата на медиумите се прошири кон старите патувања, старите врски и старите биографии.
Прашањето не е само „што правела Русија?“
Според истражувачите на оваа афера, најатрактивното прашање е и наједноставното. Имено, што правела Пирц Мусар толку често во Русија? Но можеби вистинското прашање е посложено. Не е спорно дека таа имала право да патува приватно пред да стане претседателка. Нема објавен доказ дека патувањата биле незаконски или дека имале разузнавачка цел. Вистинската дилема е дали во високата политика приватниот живот навистина може целосно да се одвои од безбедносните последици.
Претседателот не е само приватно лице. Неговото опкружување, контактите и навиките неизбежно стануваат дел од безбедносниот систем околу државниот врв. А кога во тој круг се појавуваат луѓе со руски врски, поранешни разузнавачи и чести патувања во Русија, јавноста има право да поставува прашања. Но истото тоа право подразбира и обврска: да не се прогласува сомнеж за доказ.
Аферата засега нема докажана шпионска заднина
Најважниот факт, можеби и најмалку сензационалниот, е дека досега нема објавени докази дека Пирц Мусар направила нешто незаконско. Нема јавно докажана врска меѓу неа и руските разузнавачки служби, потоа нема доказ дека Криволуцка работела за странска разузнавачка служба. Исто така, нема доказ дека Јеглич бил руски агент. Она што постои се серија необични и политички чувствителни околности што се нашле во истата приказна. Токму затоа случајот е интересен. Не затоа што веќе ја има добиено етикетата „шпионска афера“, туку затоа што покажува колку лесно приватниот живот на еден државник може да стане прашање од национална безбедност. Во Словенија сега останува да се види дали ова ќе биде само краткотрајна медиумска бура или ќе прерасне во сериозна политичка расправа за безбедносните стандарди околу претседателката. Засега, СОВА вели дека не нашла безбедносно релевантни околности. Претседателскиот кабинет вели дека патувањата биле приватни. Криволуцка ги отфрла сите сомнежи за разузнавачки врски. А јавноста, со седум патувања до Русија, една стара љубовна врска и едно разузнавачко минато пред себе, сè уште се прашува дали гледа само необична случајност – или приказна во која допрва ќе излезат нови детали. И можеби токму тоа е најсилниот дел од целиот случај. Засега нема доказ за голема афера, но има доволно прашања за аферата да не исчезне толку лесно.


































