Најбрзиот акцелератор се вика војна?!

Апсурд е бојното поле да станува бизнис-инкубатор

Автор: Александар Стамболиев

Во мирновременска економија, стартапот има луксуз да биде – стартап. Има месеци за развој, презентации пред инвеститори и состаноци со луѓе што сакаат да слушнат за „скалирање“.

Има први корисници, бета-верзии, фокус-групи и, ако има среќа, некој фонд што ќе му даде пари.

А во војна? Во војна сведоци сме дека сето тоа може да се случи прекуноќ. Капиталот пристигнува затоа што државата повеќе нема време да чека. Корисникот пристигнува затоа што некој на фронтот има проблем што мора да биде решен веднаш. А практичниот доказ дека технологијата функционира доаѓа во форма на оружје што лета, експлодира или, пак, уништува во воздух непријателски ракети и дронови. Ете го совршениот стартап-акцелератор. Само што наместо канцеларија со стаклени ѕидови има засолниште. Апсурд!

Наместо менторски состанок има радиоврска. Наместо квартален извештај има известување дека производот функционирал. А наместо неуспешен прототип, има човечка трагедија… жртви и материјални разурнувања.

Кога смртта станува пазарна валидација…

Современите војни сè почесто создаваат нешто што од деловен аспект изгледа застрашувачки ефикасно – огромен, итен и речиси неограничен пазар за технологии…
Дронови, системи за надзор, софтвер за командување, вештачка интелигенција, сателитски снимки, комуникациски системи, противдронски технологии, автономни возила.

Сето тоа има купувач. Сè има итност. И, најстрашно од сè, сè има теренско тестирање.
Во мир, инженерот може да каже: „Ќе го подобриме производот во следната верзија“.
А во војна? Во војна следната верзија може да биде утре. И тука започнува јазичната измама на нашето време. Зборуваме за „иновации“, „одбранбен технолошки екосистем“, „двојна употреба“ и „забрзано усвојување“. Звучи како конференција за технологија.

Само што зад зборот „усвојување“ стои човек.

Најлошиот демо-ден на светот

Иронично (а за мене длабоко трагично) е што војната во извесна смисла е брутално совршена лабораторија за технологија. Нема бирократско одложување кога треба да се запре напад. Нема маркетинг-истражување кога некој мора да биде пронајден на терен.

Нема потреба од убедување на купувачот дека проблемот постои. Проблемот експлодира пред него. И затоа капиталот трча таму каде што порано одеше претпазливо. Инвеститорите гледаат огромни државни буџети. Компаниите гледаат договори.

Инженерите гледаат нерешени проблеми. Владите гледаат можност за технолошка предност.

А луѓето? Луѓето стануваат, без да бидат прашани, дел од најголемиот кориснички тест во историјата. Тоа е моментот кога јазикот на стартапите станува неподносливо циничен.

„Битката покажа дека системот работи“. Да. Само што битката не е лабораторија, а човекот што бил таму не е тест-параметар.

Војната не иновира. Таа уништува и – принудува да се иновира

Рака на срце, војните историски забрзале развој на технологии. На пример, радарот, авијацијата, комуникациите, медицинските процедури и многу други иновации добиле огромен поттик во услови на воена мобилизација… Но тука мора да се направи една важна разлика. Војната не е инкубатор! И навистина, да се престане да се третира како таква! Стоп! Војната е катастрофа, само, за жал, ги принудува луѓето да се активираат со идеи и да станат ултраактивни посилно отколку што би сакале. Таа не создава потреба од технологија затоа што човештвото станало љубопитно. Ја создава затоа што човештвото повторно решило да се убива со поголема ефикасност. И можеби токму затоа денес треба да бидеме особено внимателни кога воената економија се продава како приказна за претприемачки успех.

Зашто зад секој „брзо растечки одбранбен стартап“ стои пазар што не би требало да посакуваме никогаш да постои.

Најуспешниот стартап е оној што никогаш не требало да биде потребен

Иронијата е совршена. Во нормален свет, успехот на стартапот се мери со тоа колку луѓе му го користат производот. Во воен свет, успехот може да се мери со тоа колку луѓе не биле погодени. Технологијата станува успешна кога успева да спречи друга технологија да убие човек. И така стигнуваме до апсурдот што би сакал да го расветлам. Индустријата развива сè подобри машини за преживување во свет што сè уште троши огромни ресурси на машини за убивање!? Апсурд.

Се натпреваруваме кој ќе биде побрз, попаметен, попрецизен и поавтономен во производство на средства за уништување.

А потоа тоа го нарекуваме прогрес. (?!) Можеби најточната метрика на цивилизацискиот успех би била поинаква. Не колку брзо можеме да произведеме оружје. Туку колку брзо можеме да создадеме свет во кој на тоа оружје повторно нема да му најдеме корисник. Дотогаш војната ќе продолжи да биде најбрзиот акцелератор. Само што тоа е единствениот акцелератор на кој никој разумен човек не би требало да сака да се вози.

Најголемиот предизвик пред акцелераторите и инвеститорите во следната деценија нема да биде да најдат нова технологија. Туку да создадат услови за „воена“ брзина на иновации во време на мир. Зашто ако за неколку месеци можевме да создадеме вакцини за цел свет, тогаш проблемот никогаш не бил во недостигот од знаење, капитал или талент. Прашањето е зошто чекаме криза за да ги ослободиме. Најголемиот пробив нема да биде нов производ. Ќе биде способноста да создадеме итност без трагедија!

Авторот е извршен директор и коосновач на Акцелератор УКИМ