Фото: Кирил Пецаков/Фејсбук

ПЛИВАЊЕ

  • Извонреден успех постигна Македонецот Петар Цеков, кој го освои третото место

Италијанецот Алесио Окипинти е победник на 39. издание на традиционалниот меѓународен Охридскиот пливачки маратон, кој се одржа на патеката „Климе Савин“ од „Свети Наум“ до Градското пристаниште во Охрид. Окипинти ја помина 25-километарската делница за пет часа, три минути и 44 секунди. Второто место му припадна на неговиот сонародник Николо Ричарди, а извонреден успех постигна Македонецот Петар Цеков, кој низ целта мина како трет (5:07,26). Кај пливачките најбрза беше Аргентинката Мајте Ајлен Пука, со време 5:20,44 часа. На 39. издание на Охридскиот маратон учествуваа 11 пливачи и шест пливачки, кои имаа одлични услови за натпревар. Окипинти е и рекордер на Охридскиот маратон, а најбрзото време го постигна во 2023 година, кога ја помина патеката за четири часа, 53 минути и 14 секунди.

Почетокот на маратонот го означи градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, а покровители на маратонот беа Општина Охрид, Министерството за спорт и претседателката на Р Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, која им ги предаде наградите на најдобрите по трката. Технички организатор беше ПК „Охридски бранови 2008“ од Охрид. Наградниот фонд на маратонот изнесуваше 15.000 долари. Г.И.