Илустрација (Фото: ДЗС)

Шумски пожар од големи размери беснее во борова шума во близина на селото Бигла во делчевско, соопшти денеска директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.

– Денес околу 10 часот неодговорно лице палело гуми во својот дом во село Бигла, кое што е село од разбиен тип, односно се наоѓа на неколку ридови. Притоа изгубил контрола врз огнот и огнот се проширил на боровата шума“, изјави Ангелов.

Неколку луѓе вдишале поголема количина чад, а, како што рече Ангелов, лицето кое се сомничи „дека го предизвикало пожарот“, заедно со еден пожарникар и еден припадник на просторните сили, превентивно биле однесени на лекарски преглед.

Тој вели дека надлежните институции преземаат мерки за да се спречи ширењето на огнот кон куќите од селото. Дополнително, ангажирана е тешка механизација, вклучително и трактори и булдожери, кои треба да направат противпожарни пресеки меѓу пожарот и селото, со цел да се спречи загрозување на домовите.

– Правиме напори овој пожар да се стави под контрола – вели Ангелов, нагласувајќи дека специфичноста на Бигла дополнително ја отежнува ситуацијата.