Ова е еден од најтешките денови во тековната сезона на пожари на отворен простор, изјави попладнево директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.
Според информациите околу 17 часот, во државата имало повеќе од 15 активни пожари, од кои два загрозувале населени места.
Пожарот во близина на струмичките села Баница и Водоча се приближил до првите куќи на Струмица, но неговото напредување било запрено на неколку метри од објектите.
– Пожарот е сопрен благодарение на брзата интервенција на струмичките пожарникари, со поддршка на пожарникарите од Валандово и Радовиш. Беше употребена и механизација за правење пресеци, а помогна и еден ер-трактор на Дирекцијата – изјави Ангелов.
Тој додаде дека пожарот сè уште е активен во полето од спротивната страна и изрази надеж дека нема да се прошири кон околните села.
Тежок пожар избувнал и на територијата на Општина Прилеп, во близина на градските гробишта, при што биле загрозени викендички од блиската населба. Според Ангелов, пожарот е ставен под целосна контрола.
Во гаснењето учествувале прилепските пожарникари, со поддршка од противпожарните тимови од Битола и Кавадарци, како и два ер-трактори на ДЗС.
Активен пожар има и на територијата на Општина Желино, спроти месноста Карпалак. Огнот гори високо во планината, но може да загрози неколку викендички и земјоделски површини. На терен се тетовските пожарникари.
Ангелов информираше дека тежок пожар има и во Општина Маврово и Ростуше, кој е активен од вчера попладне. Пожар избувнал и во близина на Драчево, над бензинската пумпа, каде што интервенира скопската противпожарна бригада.
Повторно е активиран и пожарот над Китка, кој може да се прошири кон неколку блиски планински и делумно напуштени села.
Ангелов предупреди дека високите температури, кои се приближуваат до 40 Целзиусови степени, како и засилениот ветер што го менува правецот, дополнително го отежнуваат гаснењето.
– Апелирам до сите граѓани да бидат исклучително внимателни, затоа што доволна е една искра за да настане вистинска катастрофа – порача директорот на ДЗС.


































