Фото: „Нова Македонија“

Главните претенденти за освојување на шампионската титула на Екипното првенство на Македонија во шах што се игра во Струга, Алкалоид, Гамбит Ассеко СЕЕ, Мулти Есенес во машка и Алкалоид, МШК Центар и Прилеп во женска конкуренција, почнаа со победи. Максимална победа со 6-0 по табли оствари Гамбит Ассеко СЕЕ против Прилеп, а првиот фаворит и 27-кратен шампион на Македонија, Алкалоид, славеше со 5-1 против Нов Напредок од Штип. Единствената победа кај поразените ја забележа Филип Михов на дуелот со Филип Панчевски, на четвртата табла. Анпасан СЕШ го победи Шкупи со 3,5-2,5, а Фламуртари славеше против Гостивар со 4,5-1,5.

Во женска конкуренција, бранителот на титулата, Алкалоид со 4-0 славеше на мечот со Капабланка, истиот резултат го постигна МШК Центар против Цареви Кули од Струмица, а Прилеп го совлада Гамбит Ассеко СЕЕ со 3,5-0,5. Слободен беше ГШК Неготино.

На машкиот шампионат пријавени се вкупно 100 шахисти, 24 се странци (21 ВМ, 13 ИМ, 15 ФМ, од 11 шаховски федерации), кај жените вкупно 38, а 10 се од странство (еден ВМ, четири ЖВМ, еден ИМ, еден ЖИМ, еден ФМ, шест ЖФМ) од шест шаховски федерации.

Г.И.