Фото: ЈП за државни патишта

Од почетокот на годинава до крајот на јуни, од наплата на патарини во Северна Македонија се собрани рекордни 1.919.775.277 денари, односно повеќе од 31 милион евра, информираат од Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) за МИА. Во споредба со истиот период минатата година, приходите се зголемени за 21.891.532 денари, пренесе МИА.

Најголем сообраќај е регистриран на наплатната станица Тетово, по која следуваат Петровец, Романовце, Глумово, Миладиновци, Желино, Гостивар, Стоби, Кадрифаково, Преод, Сопот, Демир Капија, Отовица и Гевгелија. Сепак, според остварените приходи во однос на цената на билетите, на прво место е Романовце, а потоа следуваат Миладиновци, Петровец, Глумово, Желино и Тетово.

Од ЈПДП велат дека во периоди со зголемен сообраќај, особено во летната сезона, се активира посебен распоред со кој на наплатните станици се пуштаат во употреба сите расположливи ленти. Посебен приоритет има и електронската наплата преку MTag и MCard, со што возилата можат да поминуваат побрзо и без директен контакт со вработените.

Електронската наплата во моментов учествува со 36 проценти од вкупната наплата на 11-те наплатни станици каде што е воведена. Од ЈПДП посочуваат дека интересот за електронските уреди дополнително се зголемил откако MTag почна да се продава и во продажните салони на „Македонски телеком“ и „А1 Македонија“. Според податоците, електронската наплата е зголемена за околу 6 проценти.

MTag уредите од мај годинава се достапни и во продажната мрежа на двата мобилни оператори, додека претходно можеле да се набават само преку ЈПДП или на наплатната станица Петровец.

Од раководството на ЈПДП претходно најавија и размислувања за воведување нов модел на наплата сличен на оној во Србија, односно затворен систем во кој наплатата би се вршела според поминатите километри. За воведување на ваков систем на Коридорот 8 веќе се изработува студија.

Во текот на целата 2025 година, заклучно со 23 декември, од наплата на патарини бил остварен приход од 4.158.914.362 денари, или околу 67,6 милиони евра.