„Евростат“ тврди дека патувањата се недостижни за милиони граѓани на Европа
- Иако економиите во земјите во Европа се меѓу побогатите во светот, сепак, за милиони граѓани годишниот одмор сè уште е недостижен луксуз. Најновите податоци на „Евростат“ покажуваат дека во текот на 2025 година дури 27,5 проценти од жителите на Европската Унија постари од 16 години не можеле да си дозволат седумдневен одмор надвор од местото на живеење
Иако важи за еден од побогатите региони во светот, сепак, голем дел од жителите на Европската Унија сѐ уште не можат да си дозволат еднонеделен годишен одмор, покажаа најновите податоци на европскиот статистички центар „Евростат“.
Иако економиите во земјите во Европа се меѓу побогатите во светот, сепак, за милиони граѓани годишниот одмор сè уште е недостижен луксуз. Најновите податоци на „Евростат“ покажуваат дека во текот на 2025 година дури 27,5 проценти од жителите на Европската Унија постари од 16 години не можеле да си дозволат седумдневен одмор надвор од местото на живеење.
Во споредба со 2024 година, бројот на лица што не можат да издвојат средства за летување или патување е благо зголемен, но на подолг рок состојбата е подобра отколку пред една деценија, кога ваквата финансиска неможност била уште поизразена.
Најголеми финансиски тешкотии имаат граѓаните во Романија, каде што повеќе од шест од десет лица не можеле да си дозволат еднонеделен одмор. Висок процент е забележан и кај нашите соседи Грција и Бугарија, но и во Унгарија, каде што значителен дел од населението нема доволно средства за ваков трошок.
Соседите на дното
Од друга страна, најдобра состојба има во Луксембург, Шведска и Холандија, каде што само мал дел од населението се соочува со ваков финансиски предизвик.
– Најголем број луѓе што не можеле да си дозволат една недела одмор се забележани во Романија (61,4 проценти) и Грција (46,6), како и во Бугарија и Унгарија (39,1 процент во двете земји). Спротивно на тоа, 10,6 проценти од луѓето во Луксембург, 12,4 во Шведска и 12,8 проценти во Холандија изјавиле дека не можат да си дозволат една недела одмор – се посочува во анализата на „Евростат“.
Но, што говорат бројките за земјите што се кандидатки за членство во Унијата и дали граѓаните од Балканот успеваат да заминат на летување исто како и жителите на поразвиените европски земји.
Според последните податоци на „Евростат“, половина од жителите на Македонија не се во можност да заминат на еднонеделен годишен одмор. Ова покажува дека сепак не сме меѓу земјите со најлош стандард, бидејќи има земја членка на ЕУ каде што процентот на граѓани што не можат да си дозволат годишен одмор е поголем.
Сепак, воопшто не е за занемарување податокот дека речиси половина од населението е без можност за летување.
Иако, економистите укажуваат на фактот дека поголемиот број на жители на една земја што заминуваат на одмор значи и повисок стандард и подобра економија. Сепак, тоа не е секогаш единствената причина. Луѓето често одат на одмор и со задолжување или поради променети културни навики.
Сепак, одморот останува важен дел од животниот стандард. Економистите го гледаат како начин за подобрување на здравјето и работата на луѓето. Повеќе слободно време и пари за патувања покажуваат повисок стандард во една земја.
– Според Државниот завод за статистика, просечната месечна нето-плата во февруари 2026 година изнесувала 46.159 денари, додека минималната нето-плата од април 2026 година изнесува 26.046 денари. Овие износи бележат раст во однос на претходните години и голем број домаќинства можат да си дозволат финансирање еднонеделен до десетдневен семеен одмор, вклучително и да се земат предвид зголемените трошоци за сместување, превоз и исхрана. Исто така, за издвојување е податокот, според анализите на Светската банка, дека во голем број земји од регионот растот на платите не успева целосно да го следи растот на цените на услугите, особено во туризмот. Тоа значи дека и кога номинално се заработува повеќе, реалната куповна моќ за трошоци како патувања, одмор и рекреација постепено се намалува – укажува Весна Георгиева Свртинов, универзитетска професорка и финансиска аналитичарка.
Голем број македонски граѓани редовно патуваат кон некои од дестинациите на Егејот
Последниве години се забележува дека сѐ повеќе сограѓани патуваат, а тоа најмногу се гледа од растот на метежот на границата со Грција. Иако тоа не е доволен податок, поради фактот што границата ја користат и соседите, особено Србите што патуваат во Грција, сепак, бројките говорат дека голем број граѓани на Македонија редовно патуваат кон некои од дестинациите на Егејот.
Во анкета со повеќе наши граѓани од главниот град беа регистрирани и многу интересни одговори, во кои еден од нив, кој повеќепати се повтори, посебно го издвојуваме.
Имено, повеќе анкетирани граѓани ни рекоа дека нивни блиски од семејството, но и многу нивни пријатели се одлучиле на хонорарен ангажман во некој од туристичките центри во Хрватска, Словенија, но и во Италија и Австрија, каде што добиваат „две во едно“ – и работа и одмор. Повеќе анкетирани пензионери ни одговорија слично во врска со ова.
– Моите внуци, заедно со нивни пријатели се организираа заедно и заминаа на работа, но и на одмор во Грција, Хрватска…, но разбрав дека многу млади заминале на тримесечен престој во европските земји, како Австрија, Италија…, каде што се надеваат дека ќе имаат можност и да заработат, но и да уживаат во благодатите на туристичките центри, а и на приморјето – велат повеќе наши анкетирани соговорници.. Е.Р.
































