Кинематографски мит за вината, судбината и за враќањето

Во историјата на цивилизацијата постојат приказни што со текот на времето стануваат дел од колективната меморија. Хомеровата „Одисеја“ е една од нив. Повеќе од две и пол илјади години, сè уште ја читаме, ја толкуваме и повторно ја раскажуваме, затоа што во неа препознаваме нешто суштинско за природата на секој човек: потребата да замине, да се изгуби и, по долго патување, повторно да се врати за да се пронајде себеси.
Кога Кристофер Нолан се соочува со овој древен мит, пред него стои огромен предизвик: како повторно да се раскаже приказната што човештвото одамна ја препознава? Одговорот можеби се крие во самата природа на митот. Тој не е историски документ што треба само да се реконструира туку своевидно естетско огледало во кое секоја нова генерација го препознава сопственото лице.
Нолан затоа не го толкува Одисеј исклучиво преку верзијата на Хомер. Го гледа и преку наративите создадени низ вековите во кои овој лик постојано се преобликувал според стравовите, фантазиите и моралните дилеми на различните епохи. Дури и тројанскиот коњ, денес неразделен од приказната за Одисеј, не е дел само од нарацијата на „Одисеја“, ниту од „Илијада“, туку своите најпознати книжевни облици ги добива во други антички извори. Оттука, Нолан не се обидува да го реконструира митот како музејски експонат. Тој од неговото богато културно наследство создава сопствена визија.
Сево ова е природен терен за режисер чија филмографија во голема мера е обележана со преокупацијата со времето. Од „Мементо“, преку „Почеток“ и „Интерстелар“, до „Опенхајмер“, времето кај Нолан никогаш не е само мера на траењето. Тоа е сила што ги обликува меморијата, идентитетот и поединечната судбина. Во „Одисеја“, оваа преокупација добива митолошка димензија: времето повеќе не е права линија, тоа е простор низ кој единката постојано се враќа кон сопственото минато.
Токму тука се отвора најинтересното прашање поврзано со Одисеј: дали тој навистина е само жртва на судбината?
На површината, тој е легендарниот крал и воин што по завршувањето на Тројанската војна тргнува кон Итака, но неговото враќање се претвора во долгогодишно талкање. Боговите, морето и чудовиштата дејствуваат како сили здружени против него. Зад митот, сепак, се крие и една поинаква можност: неговото страдање е поврзано со конкретните избори и постапки.
Одисеј е победник, но не е невин. Тој прави зло во името на она што го смета за добро, се повикува на чест, но ја прекршува кога тоа му одговара, а со своите одлуки постојано го оттурнува моментот на враќањето. Неговата најголема сила не е физичката моќ, ами интелигенцијата, измамата и способноста да ја промени приказната во своја корист.

Неговото патување се претвора во морално преминување преку последиците на сопствените избори. Човек може да го помине целиот свет, да се соочи со богови и чудовишта, да преживее војни и бури, но најтешкиот пат е оној што води назад кон сопствената сенка.
Мет Дејмон го игра ликот со харизмата на класичните филмски херои. Зад неговата физичка сила, сепак, се наѕира карактер исполнет со противречности: сопруг, татко, крал и воин што мора да живее со последиците од своите одлуки. Пенелопа, во изведба на Ен Хатавеј, не е само верната сопруга што го чека својот херој. Таа е онаа што битисува зад легендата и мора да го зачува домот додека Одисеј го освојува светот. Телемах, пак, расте во сенката на таткото што станал мит и мора самиот да открие што значи да се биде негов син.
Така, „Одисеја“ станува и приказна за оние што чекаат. Домот го очекува тој што заминал, но животот на крајот го носи оној што преживеал – а тие двајца повеќе не се истата личност.
Сепак, треба да се напомене дека токму во драматуршкиот слој на целината се појавуваат и одредени слабости што не можат да бидат прикриени ниту со раскошот на продукцијата. Режисерската амбиција понекогаш го потиснува интимниот живот на ликовите, па дел од нив изгледаат повеќе како носители на тематски функции отколку како целосно развиени психолошки карактери. Особено односите меѓу Одисеј, Пенелопа и Телемах можеле да добијат поголема емотивна комплексност, бидејќи токму во нив се наоѓа најсилниот потенцијал за приказна што раскажува за загубата, отуѓувањето и за повторното воспоставување на семејната блискост.


И покрај присутниве слабости во драматургијата и нерамномерностите во развојот на ликовите, станува збор за визуелно раскошен и тематски богат филм, реализиран во целост во ИМАКС-техника и сниман на различни локации низ светот. Авторското инсистирање на автентичните декори, реалните локации и практичните ефекти, со минимална употреба на дигитални интервенции, креираат филмски впечаток обоен со, за денешни услови, речиси необична материјална целовитост. Морето, пејзажите, архитектурата, борбите, не изгледаат како дигитални конструкции, туку како делови од еден опиплив физички свет. Големиот формат пред сѐ е искористен за создавање чувство на простор и на присуство. Светот на Одисеј изгледа бескраен, суров и физички реален, а патувањето добива размери што малиот екран тешко би можел да ги пренесе со истата убедливост. Нолан повторно покажува дека неговата визија за современото кино се темели врз вербата оти спектаклот не мора и не треба да биде антитеза на авторскиот пристап.

Одисеј е херој, кралска фигура, но не е без вина; сопруг и татко, но неговото отсуство оставило траги врз оние што ги љуби. А можеби неговиот најголем соперник не е Киклопот, ниту Скила, ниту Посејдон. Неговиот вистински противник е личното сеќавање. Можно е да се побегне од целиот свет, но не и од она што го носиме во себе.
Затоа „Одисеја“ и по толку векови останува вибрантна. Секој во одреден момент од животот тргнува на битното патување: по сопствена волја, под притисок на околностите или затоа што повеќе не може да остане таму каде што се наоѓал претходно. На крајот, се наметнува прашањето: што значи да се вратиш назад. Дали домот е местото од кое сме заминале или местото во кое конечно можеме да бидеме она што сме? Може ли навистина да се вратиме или секое враќање е нов почеток?
Одисеј не се враќа во Итака за повторно да го пронајде она што го оставил, туку за првпат да го види со очите на оној што биднал во меѓувреме. Токму тука се среќаваат Хомер и Нолан. „Одисеја“ е приказна за цената на враќањето, за она што мора повторно да се освои; за славата што ја стекнува и за вината со која мора да научи да живее.
Кристофер Нолан смело презема една од најстарите приказни на познатата цивилизација и повторно ја поставува пред нас како прашање, а не како конечен одговор. Зашто Одисеј можеби конечно повторно пристигнува во Итака, но вистинската енигма останува: што му преостанува на оној што го заокружил своето најголемо патување?

Јане Алтипармаков