На 21. издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“ на специјална проекција ќе биде прикажан последниот филм на Тарковски, „Жртвопринесување“. По тој повод, да се потсетиме на последното ремек-дело на рускиот режисер. Режисерот во егзил, чиј живот гаснеше паралелно со создавањето на филмот, го сними својот тестамент, својата последна духовна исповед
Во 1985 година рускиот режисер Андреј Тарковски е во имиграција во Италија. Тој веќе ги подготвува скиците и го пишува сценариото за својот седми и последен филм. Сѐ уште не знае дека боледува од карцином на белите дробови. Филмот што го подготвува ќе биде неговата лебедова песна и испраќање со светот. Првиот работен наслов на сценариото е „Вештерка“, а идејата за главниот лик ја разработувал подолг период, уште од напуштањето на својот дом и семејството.
На почетокот на 1986 година продукцијата за филмот е договорена и филмот ќе биде реализиран во Шведска, во организација на Шведскиот филмски институт, со екипа што долго време работела на филмовите на Ингмар Бергман. Кинематографер ќе биде легендарниот Свен Никвист, а главната улога ќе му биде доверена на Ерланд Јозефсон, актерот што ја играше незаборавната улога на „лудакот“ Доменик во филмот „Носталгија“.
Тарковски патува на островот Готланд и таму започнува снимањето на филмот. Интересно е што речиси никој од екипата не разбирал руски, а секој од учесниците во филмот мошне јасно го разбирал режисерот. Во својот дневник ќе запише дека атмосферата на северот целосно ја исполнува неговата последна мисија, идеален простор да ги претстави крајот на светот и апокалипсата. Една година претходно Тарковски ќе држи предавање во една црква во Лондон на темата за Јовановото откровение и за апокалисата. Многу од тогаш изнесените идеи и ставови во храмот ќе бидат материјализирани во неговиот последен филм.
Последниот филм на Андреј Тарковски, „Жртвопринесување“ („The Sacrifice“), е негов духовен тестамент. Тарковски интуитивно веќе е свесен дека можеби тоа ќе биде неговото последно дело. Во него се наталожуваат речиси сите дилеми што ги истражува целиот живот: верата во светот без Бог, љубовта, жртвата, тишината и одговорноста на човекот пред другите. Филмот започнува со длабоките звуци на Бах и вокалот од Пасијата според Матеја. Едно дете полева суво дрво, а неговиот татко му ја раскажува приказната за настан што се случил во еден православен манастир. Еден монах засадил суво, мртво дрво на ридот и му кажал на ученикот секој ден да носи вода од далечен извор, да го полева дрвото, без оглед колку бесмислено изгледа тоа. Ученикот послушно и трпеливо го правел тоа со години, секој ден, во исто време. На крајот, сувото дрво оживеало и процветало.

Дисциплината, духовната посветеност, творечката енергија не може а да не дадат род, тие се чудо! И тоа е клучниот момент, најзначајната слика во филмот. Сувото дрво што Александар и неговиот син го полеваат на почетокот и на крајот на филмот е скелетот на ова мистично дело. Тоа е симбол на верата. Ако секој ден со трпение и вера го полеваш нештото што изгледа мртво, еден ден ќе оживее. Така е и со човечката душа. Самиот Тарковски го опишува во своите дневници дрвото како симбол на верата.
Последната сцена е меѓу најубавите филмски епилози во историјата на филмската уметност. Детето што молчи во текот на целиот филм, лежи под дрвото и ја изговара реченицата: „Во почетокот беше словото… Зошто, тато?“
На површината, приказната е едноставна, фамилијарна драма во стилот на нордиските писатели Ибзен и Стриндберг. Александар е интелектуалец што живее повлечено во својот дом. Тој дознава дека започнала нуклеарна војна. Во очај му ветува на Бога дека ќе се откаже од сè што сака – од својот дом, своето семејство, па дури и од својот глас, само ако светот биде спасен. Следното утро опасноста исчезнува, а тој почнува да го исполнува ветувањето. Светлото во филмот е придушено и мрачно, како да владее вечна темнина. Маглата од надвор се префрла во домот, сѐ е заматено и тмурно, односите меѓу членовите на фамилијата се затегнати до хистерија. И ако во филмот „Соларис“ домот беше претставен како центар и оаза на универзумот, во „Жртвопринесување“ домот станува пречка на патот за искупувањето, патот до совршенството и Бог. Домот ќе мора да биде жртвуван. Крис по одисејата низ вселената се врати дома, Александар мора да ја надмине студената и закоравена сигурност на домот.
Суштината не е во тоа дали навистина имало трета светска војна. Прашањето е дали човекот е подготвен навистина да жртвува нешто за другите или само ќе зборува за љубов и вера. Дали целиот човечки живот се претворил во празни зборови и шуплива форма? Каде се големите дела и дали современиот човек може да загине за идеите?
Според Тарковски, најголемата болест на современиот човек не е нуклеарната закана, туку духовната празнина. Човекот има технологија, знаење и удобност, но ја губи врската со смислата, со природата и со Бог. Човекот повеќе не верува. Сталкер и Горчаков од претходните две ремек-дела на режисерот снимани надвор од Советскиот Сојуз мораа да се преобразат во еден завршен лик – антихерој каков што е Александар. Затоа овој филм не може да се анализира како политички, тој не зборува за судирот на цивилизациите и секоја констатација во тој правец е погрешна. „Жртвопринесување“ е духовен филм.

Дали навистина човекот и човештвото ќе загинат од општа војна или од духовно самоубиство? Тоа прашање останува без одговор. Не затоа што нема одговор, туку затоа што на човекот му е дадена слободата да направи избор. Човекот е принуден да биде слободен и самиот да избере. И токму таа слобода ќе стане неговиот најтежок затвор.
Мислам дека баш затоа „Жртвопринесување“ е најличниот филм на Тарковски. Долгогодишната разделеност со синот и носталгијата по родниот дом го разјадуваат режисерот одвнатре. И на крајот, тој не нуди решение за светот, туку објавува дека промената започнува со лична жртва. Не со големи декларации, не со херојство, туку со тивка верност, љубов и исполнување на дадениот збор.
За време на снимањето Тарковски е веќе сериозно болен. Континуирано има покачена температура. Подоцна му е дијагностициран рак на белите дробови и филмот го довршува додека животот му виси на конец. Битката на главниот лик од филмот станува битка на креаторот во реалниот живот. Последната копија од филмот, Тарковски ќе ја види во болничка соба, само неколку месеци пред смртта.
Кај Тарковски речиси никогаш не постоеле импровизации на сетот, на снимањето на сцените. Таму сѐ е природно и автентично. „Сталкер“ се снима во напуштени и строго забранети контаминирани територии, „Огледало“ се снима во вистинското село на режисерот… Изгорената куќа во „Жртвопринесување“ навистина постоела за да изгори.
Куќата била специјално изградена само за да биде запалена. Сите сцени од ентериерот се снимаат во истиот објект, без да биде откриено дека на крајот таа куќа навистина ќе биде жртвувана. Тарковски инсистирал целата сцена да се сними во еден непрекинат кадар.
Но се случило незамисливото и камерата се заглавила токму додека куќата горела. Сè било изгубено. Неуспехот со „Сталкер“ кога целиот материјал ќе биде „случајно“ прегорен во филмската лабораторија, се повторува и овде. Материјалот од последните сцени ќе изгори со куќата.
Наместо да се помири со неуспехот, Тарковски рекол дека целата куќа ќе се изгради повторно. За само две недели екипата ја реконструирала од темел, а потоа повторно ја запалиле. Второто снимање е она што денес го гледаме во филмот. По завршувањето на овие сцени многумина од екипата плачеле, тие знаеле дека присуствуваат на нешто единствено и неповторливо, како на претсмртен ритуал.

Кинематографијата на филмот е реализирана со околу 115 кадри за повеќе од два часа времетраење. Некои од кадрите траат повеќе од десет минути без прекин. За Тарковски, времето не смеело да се сече со монтажа. Тој тврди дека режисерот треба да го „ваја времето“, како скулптор, а не само да ја раскажува приказната.
Посебна улога во филмот има таинственото, мистично дело на Леонардо да Винчи, „Поклонување на мудреците“. Во секој свој филм Тарковски анализира сликарски дела од големите мајстори. Тој е вљубеник во сликарството и за време на својот престој во Фиренца долго ја набљудува и анализира сликата на Леонардо. Секој кадар во филмот е духовно писмо. Онтологија. Мудреците виделе ѕвезда на небото и тргнале по неа да му се поклонат на спасителот што ќе се роди во пештера.
Ако светот сака да се спаси, тоа нема да биде со новите усовршени машини, новите идеологии, новите војни. Светот ќе биде спасен само ако човекот повторно научи да се жртвува себеси, од љубов.

Никола Пијанманов, ликовен уметник