Мигрантски десант на Шпанија, уште еден стрес-тест за Европа

  • Дали дојде времето во ЕУ секој да си го гледа својот проблем, да не ја дели маката со другите? Можно е, иако поверојатно е дека сите во Брисел решиле да му упатат јасна порака на Педро Санчез дека договорите треба да се почитуваат, па солирањето за мигрантските прашања може да биде опасно, премногу опасно. На повикот на владата во Мадрид да се пријават нелегалните мигранти и азиланти за да им се реши легалниот статус барем за една година, од планираните 400.000, па потоа 500.000, се јавиле дури еден милион лица. Тоа е на нивото на една Германија во времето на сириската криза, па можеме да кажеме дека Шпанија ѝ носи на Европа криза со тежина на таа сириската

Кога ќе му се каже некому да не весла спроти ветрот, тоа значи дека тој треба да престане да контрира и да се вклучи во јатото. Таквиот нагласен индивидуализам може скапо да ги чини другите и затоа ова предупредување се наоѓа во ризницата на народните мудрости. Нашиот народ дури рекол „не мочај спроти ветрот“, затоа што кога ќе се завртиш сите ќе ги видат трагите од твојата лична политика да се биде посебен. Добро е да си посебен, но потребно е да се најде вистинската мера.
Дали шпанскиот премиер Педро Санчез, иконата на европската левица, тврд социјалист, ја најде мерката или премногу солираше? Дали поради своето солирање ја стави на коцка својата политичка кариера, која ќе се тестира на следните парламентарни избори в година (заедно со Франција!)? Сме го поставувале ова прашање во наши колумни и анализи, па дури ја поставивме и дилемата дали Санчез оди по стапките на Дон Кихот. Одговорот стаса многу брзо, иако е тој непријатен, жесток и не се однесува само на шпанските работи. Ненадејното навлегување на околу 70.000 мигранти од Мароко на шпанска територија отвори едно несакано сценарио за кое Европската Унија, заедно со Шпанија, не најде брз одговор. Едноставно Шпанија беше фатена на спиење и се случи тоа што се случи – еден мигрантски десант од Мароко врз градовите-енклави Сеута и Мелиља, таа гранична линија на Европа со Северна Африка. Оваа чудна географија е сплет на историски околности, една опашка што Шпанија ја носи од времето на својот експанзионизам, проследен со политиката на колонизирање територии. Период означен како – златен за Шпанија. Станува збор за историја од седум-осум века, но тркалото на таа човечка судбина наречена историска меморија се заврте токму сега за да предупреди дека нештата не се такви какви што природно треба да бидат. Да, многу влади воопшто не размислуваат за вакви прашања и едноставно не сакаат да се откажат од своите освоени територии. Но часовникот на она што се нарекува природен тек, чукна. Мароканците (можеби мигранти и од други држави) дојдоа таму каде што рекоа дека ќе дојдат затоа што е тоа нивна територија. Мароко не крие дека е тоа нивна цел за еден ден да си ја вратат својата територија. Ова е едно важно прашање од неодамнешниот упад на мароканските мигранти – тоа не е само мигрантски или хуманитарен проблем туку и прашање на границите. Сеута и Мелиља се шпански градови опколени од Мароко.

Тоа се граници и на ЕУ и на Европа. Тоа се граници каде што треба да патролираат припадниците на Фронтекс, чуварите од мигрантски упади во Европа. Деновиве некој гласно рече – границата со Шпанија треба да се ревидира.
Мигрантскиот десант дојде во период кога владата на Педро Санчез реши да ги демонстрира левичарските или, ако сакате, либералните политики, да се покаже како хуманист и да донесе закон со кој на околу 500.000 нелегални мигранти ќе им даде можност да го регулираат својот статус во Шпанија. Некои ќе речат – опа, ова е нож во грбот на ЕУ и остатокот од Европа, затоа што политиките на Брисел неодамна се калибрираа во однос на миграцијата и азилот, па донесоа заедничка политика, која може да се нарече процес на враќање на мигрантите таму од каде што дошле, познат и како ремиграција. Десните сили низ Европа веднаш рекоа дека таквата политика му се врати како бумеранг на Санчез, иако на Шпанија и на ЕУ им се случи хибриден удар за кој не најдоа брз одговор. Стрес-тестот и овој пат покажа безбедносни слабости на ЕУ. ЕУ, заедно со НАТО, покажа дека е швајцарско сирење на оваа граница. А, можеби и на други?!
Меѓутоа интересно е тоа што Педро Санчез од своите европски колеги беше оставен на пуст остров самиот да се справува со ситуацијата, па велат дека и Фронтекс решил да земе слободни денови. И тоа не е само поради влијанието на десницата, и тоа онаа расна, суверенистичка опција, туку и левичарските влади не ја дадоа јасната поддршка, а требаше, зашто во ЕУ е доминантен принципот на солидарност. Дали дојде времето во ЕУ секој да си го гледа својот проблем, да не ја дели маката со другите? Можно е, иако поверојатно е дека сите во Брисел решиле да му упатат јасна порака на Санчез дека договорите треба да се почитуваат, па солирањето за мигрантските прашања може да биде опасно, премногу опасно. На повикот на владата во Мадрид да се пријават нелегалните мигранти и азиланти за да им се реши легалниот статус барем за една година, од планираните 400.000, па потоа 500.000, се јавиле дури еден милион лица. Тоа е на нивото на една Германија во времето на сириската криза, па можеме да кажеме дека Шпанија ѝ носи на Европа криза со тежина на таа сириската. Секоја од членките стравува дека од тој милион мигранти, илјадници би продолжиле во некоја друга членка на Унијата. И впрочем, зошто се менуваше законодавството поврзано со миграциите и азилот, зошто се менуваше Европската конвенција за човекови права ако сето тоа се минира со политиките на Мадрид?!

Дали има геополитика? Секако, да. Рековме дека напливот на огромен број мигранти не е случаен, дека е дел од хибридна војна, и можеме понатаму да одиме подлабоко во геополитиката за да видиме дека она што Доналд Трамп им го порача на Шпанците, еве сега им дојде во некоја неочекувана варијанта. Шпанија не сака да издвојува пет проценти за одбраната затоа што вели дека тие пари ги нема, Педро Санчез не даде поддршка за војната против Иран, но и не ги отстапи аеродромите на НАТО за од нив да се вршат воени дејства и е прв критичар за операциите на израелската армија во Газа во борбата против Хамас. Очигледно е дека на сметката на Санчез се собрале премногу долгови, а геополитичките игри се случуваат со голема динамика, а САД и Мароко стануваат сѐ поблиски, имаат некои свои заеднички интереси. И да, Трамп не заборава. Секако и Израел, чиј амбасадор во ОН неодамна потсети на драматичните слики од Сеута и Мелиља правејќи паралела со тврдењата на политичарите од Мадрид и нивните ставови за Газа.

Стариот свет оставил многу нерешени прашања, а новите лидери не отишле подалеку во политиките за решавање на проблемите. Тоа се виде сега во овие некогашни шпански градови-тврдини, градови какви што европските колонизатори поставуваа како по некоја шема низ Медитеранот и подлабоко во африканските или блискоисточните територии. Енклави има и внатре во Европа, но ова со Шпанија отвори многу стари и длабоки рани.
А такви во Европа има многу. Војна по војна и поместување граници и граници, страдања. Ако некој сега во овие редови ја препознае и Македонија, како земја што се делела и парчосувала, како земја што претрпела геноцид и сѐ уште е во таква европско-балканска матрица, секако дека тоа ќе го потврдиме. Но, историјата покажува дека некои нешта се стремат да се вратат на својот почеток, како реките што настојуваат да се вратат во своето природно корито, во своето течение. Тоа е историска меморија и таа решава кому до каде му е дадено.