ОДБОЈКА – СЕНИОРИТЕ СЕ СОБРАА ВО КРУШЕВО
- Репрезентацијата има искуство и добро знае што значи да се игра на ЕП и поради тоа не се сомневам дека секој од вас ќе го даде максимумот, вели потпретседателот на ОФМ, Ивица Хаџи Иљоски
Машката сениорска одбојкарска репрезентација на Македонија се собра во хотелот „Монтана“ во Крушево на почетокот на подготовките за Европското првенство (ЕП) 2026. Со исклучок на средниот блокер Филип Савовски, кој требаше да пристигне на вечерниот тренинг, сите други репрезентативци се појавија на првата прозивка на селекторот Јошко Миленкоски. Селекторот ги отвори подготовките со статистика и податоци за подготовките што репрезентацијата ги имала за ЕП 2023, потенцирајќи дека ќе бараат сериозност и дисциплинираност и најави напорно темпо на работа.
– Мојата методологија на работа е добро позната за секој од вас. Барам професионален однос, сериозност и посветеност. Тука сме да направиме резултат, а тоа значи сѐ друго да биде во втор план, целиот фокус да биде на одбојката. Ќе имаме обврска да го поминеме целиот материјал повторно, за да нема никакво недоразбирање за нашиот систем, тактика и дисциплина. Сето она што го имаме како наша игра треба да го потврдиме и надградиме. На ЕП нема да одиме како аутсајдери, имаме цел да постигнеме резултат и има репрезентации на кои ќе посветиме доволно внимание во текот на подготовките. Во Крушево ќе бидеме 11 дена и ќе одработиме 20 тренинзи со посебно внимание на физичката подготовка и индивидуалната техника. Потоа продолжуваме со работа во Скопје. Имаме 35 дена до стартот на ЕП и ќе имаме забрзано темпо на работа, но со дозиран интензитет и верувам дека подготвени ќе го дочекаме првенството – потенцираше Миленкоски, пренесе Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ).
Репрезентацијата во Крушево ја поздравија и потпретседателот на ОФМ, Ивица Хаџи Иљоски, и генералниот секретар Филип Деспотовски.
– Посебно задоволство ми е што екипата е во истиот состав како претходно, што Миленкоски, како наш најтрофеен стратег ќе нѐ предводи на уште едно ЕП и што ја задржавме компактноста. Реални сме, не гаиме илузии и свесни сме за силината на противниците со кои ќе се соочиме на ЕП, но искрено се надевам на успех и верувам дека доколку ни се пружи шанса за пласман во втората фаза ќе ја искористиме. Репрезентацијата има искуство и добро знае што значи да се игра на ЕП и поради тоа не се сомневам дека секој од вас ќе го даде максимумот. Ви посакувам успешни подготовки и сите здрави да го дочекате почетокот на ЕП – рече потпретседателот Ивица Хаџи Иљоски, пренесе ОФМ.
Според распоредот, репрезентацијата на 7 септември наутро патува за Софија, додека два дена подоцна против домаќинот и еден од организаторите Бугарија го отвора настапот на ЕП 2026. Г.И.
































