ОДБОЈКА – ЗОНСКИ КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2027
- Првпат една млада репрезентација има можност да игра едни европски квалификации и без разлика на противниците, се надевам дека ќе се покажеме во добро светло, изјави македонскиот селектор Јован Шапе
Младите одбојкари на Македонија (до 20 години) во Крушево ги започнаа подготовките за Зонските квалификации за претстојното Европско првенство (ЕП), кое ќе се одржи следната година. Оваа генерација одбојкари по минатогодишниот настап на Европските младински олимписки игри, годинава добива премиерна шанса да игра во континентални квалификации.
Селекторот на репрезентацијата, Јован Шапе, во претстојните 20 дена ќе ги има на располагање сите играчи што ги повика, а репрезентацијата ќе тренира во Крушево сѐ до заминувањето на квалификациите, кои од 25 до 29 август ќе се одржат во Софија (Бугарија).
– Верувам во вас, затоа сте селектирани и сте тука. Нѐ чека напорна работа. Верувам дека ќе бидете совесни, одговорни и дисциплинирани и ќе ја искористите шансата што ја имате затоа што вие сте иднината на македонската одбојка. Првпат една млада репрезентација има можност да игра едни европски квалификации и без разлика на противниците, се надевам дека ќе се покажеме во добро светло – со оптимизам ги поздрави младите одбојкари селекторот Шапе, пренесе Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ).
Машката репрезентација до 20 години ќе има силна конкуренција во Зонските квалификации каде што за противници ги има селекциите на Русија, Белорусија, Србија, Турција и на Бугарија. Ќе се игра по системот секој со секого, а бројот на државите што ќе се пласираат во следната рунда од квалификациите ќе зависи од бројот на пријавени репрезентации во другите пет Зонски квалификации. Г.И.
































