ВИКЕНДОВ ВО СКОПЈЕ ЌЕ СЕ ОДРЖИ ЕВРОПСКИОТ ЈУНИОРСКИ КУП ВО ЏУДО

  • Боите на Македонија ќе ги бранат 15 натпреварувачи, односно 10 во машка и пет во женска конкуренција, кои ќе се борат во повеќе тежински категории, предводени од селекторот Александар Фузевски

Претстојниот викенд (сабота и недела), во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, ќе се одржи Европскиот јуниорски куп во џудо, еден од најзначајните меѓународни натпревари за џудисти до 21 година во организација на Европската џудо-унија (ЕЏУ) и Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ). Веднаш по натпреварите, од 10 до 12 август, ќе се одржи и Европскиот јуниорски тренинг-камп исто така во Скопје.
Според последните пријави, на Европскиот јуниорски куп во Скопје ќе настапат 346 натпреварувачи од 34 држави, што уште еднаш го потврдува високото реноме на овој џудо-турнир во календарот на ЕЏУ. Боите на Македонија ќе ги бранат 15 натпреварувачи, односно 10 во машка и пет во женска конкуренција, кои ќе се борат во повеќе тежински категории. Репрезентацијата ја предводи селекторот на јуниорите, Александар Фузевски, а ќе му помага тренерот Ѓорѓија Стојанов во координација со спортскиот директор на ЏФМ, Дејан Мицкоски, кои заедно со стручниот штаб очекуваат ова натпреварување да биде уште една голема можност младите македонски џудисти да стекнат значајно искуство против најдобрите европски натпреварувачи.
Оваа млада македонска репрезентација ќе има можност да ги одмери силите со најдобрите европски јуниори, а настапот во Скопје претставува и значајна подготовка за претстојните големи меѓународни натпреварувања, пред сѐ Европското првенство (ЕП) за јуниори, кое ќе се одржи на 19 и 20 септември исто така во Скопје – информираат од ЏФМ.
По завршувањето на натпреварувачкиот дел, од 10 до 12 август (понеделник, вторник и среда), ќе се одржи Европскиот јуниорски тренинг-камп, на кој учесниците ќе имаат можност за заеднички тренинзи (рандори), техничко-тактичка подготовка и размена на искуства со репрезентативци од цела Европа под водство на нивните национални тренери.
Овој спортски настан претставува уште една потврда дека Македонија успешно се позиционира како домаќин на големи европски џудо- натпреварувања и значајно придонесува за развојот и промоцијата на овој спорт во регионот. Свеченото отворање е закажано за утре со почеток во 16 часот, велат од ЏФМ. Г.И.


Македонија, состав

МАЖИ
Сергеј Димитријоски (до 60 кг)
Зоран Колевски (до 66 кг)
Игнат Петров (до 66 кг)
Никола Магдески (до 73 кг)
Петар Давчев (до 73 кг)
Никола Петров (до 81 кг)
Владимир Милчиноски (до 90 кг)
Ахмед Факиќ (до 100 кг)
Марко Чивлачки (до 100 кг)
Душко Јовески (над 100 кг)
ЖЕНИ
Георгина Блажеска (до 48 кг)
Анамарија Стојмиловска (до 52 кг)
Азра Заими (до 57 кг)
Ива Богдановска (до 63 кг)
Драгица Рафтовска (до 63 кг)

Распоред по денови
САБОТА
Прелиминарни борби 9.30 ч.
Свечено отворање 16 ч.
Финален блок 16.30 ч.
НЕДЕЛА
Прелиминарни борби 9.30 ч.
По прелиминарните борби
е финалниот блок
ПОНЕДЕЛНИК
Утрински тренинг 10 – 12 ч.
Попладневен тренинг 17 – 19 ч.
ВТОРНИК
Утрински тренинг 10 – 12 ч.
Попладневен тренинг 17 – 19 ч.
СРЕДА
Утрински тренинг 10 – 12 ч.