Фото: Маја Јаневска-Илиева

Изјавата на шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски како повод

  • Доверливите разговори често претставуваат своевиден тест на можните решенија. Во нив се проверува дали постои простор за приближување на ставовите, без веднаш да се создава атмосфера на победници и поразени. Ако разговорите дадат резултат, тогаш договорот излегува пред јавноста. Ако пропаднат, процесот завршува без дополнително да ги наруши односите меѓу страните

Во меѓународната политика не секогаш сите разговори се водат пред очите на јавноста, па кога класичната дипломатија ќе се соочи со ќор-сокак и нема никаков напредок на официјалните средби, тогаш се отвора друг канал на комуникација, тивок, неформален и далеку од очите на јавноста. Тоа е таканаречената тајна дипломатија, односно процес во кој разговорите се водат „под радарот“, како што знаат да кажат некои политичари.
Намерата на ваквите разговори во принцип не е јавноста да биде исклучена, туку основната идеја е чувствителните прашања да добијат простор за разгледување, анализи, без притоа секоја реченица или секоја идеја веднаш да стане предмет на политички пресметки и медиумски толкувања, како што тоа обично бидува кај нас.
Впрочем, историјата покажува дека голем број од најважните меѓународни договори биле постигнати преку доверливи средби, посредници и дискретни контакти. Токму затоа во дипломатијата одамна е прифатено правилото дека не секој разговор мора веднаш да биде јавно објавен, особено ако постои ризик уште во самиот почеток да биде блокиран.

Актуелните настани го потврдуваат значењето на постојан дијалог, па дури и кога е далеку од очите на јавноста

Вакви примери на постојано функционирање на тајната дипломатија има и денес. Имено, и покрај длабоките несогласувања, САД и Иран веќе подолго време одржуваат контакти преку посредници, настојувајќи да најдат простор за намалување на тензиите и решавање на отворените прашања. Сличен пристап може да се забележи и во обидите за воспоставување комуникација меѓу Русија и Украина, каде што покрај официјалните позиции, постојат и дискретни дипломатски канали со посредство на трети држави или меѓународни актери. Без разлика што во практика не се гледаат резултатите веднаш, сепак тоа е единствен начин да се одржи каква-таква комуникација и преку дијалог да се дојде до решение.
Во таков контекст треба да се разгледува и неодамнешната изјава на министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, кој потврди дека се водат разговори, како што самиот рече, „под радарот“, со цел да се најде решение за деблокирање на македонските евроинтеграции. Според него, целта на тие контакти е да се обезбеди предвидлив европски процес, ослободен од можноста за нови блокади, вета и дополнителни политички условувања во иднина.

Тајната дипломатија е добро позната меѓународна практика

Во разговор со некои поранешни дипломати токму околу ова функционирање на тајната дипломатија ни беше посочено дека самата формулација „под радарот“ не значи дека се преговара за нешто што треба да остане трајно скриено од јавноста, туку дека тоа е алатка да се дојде до некаков договор.
– Формулацијата „под радарот“ упатува на обид најпрво да се испита дали воопшто постои простор за компромис и за нов дипломатски пристап, пред евентуалните решенија да бидат ставени на јавна и политичка проверка. Тоа е добро позната практика во меѓународната дипломатија, особено кога станува збор за сложени прашања во кои се вклучени повеќе држави, различни интереси и силни политички позиции – велат дипломатите.
Според нив, самото постоење на вакви дипломатски контакти не претставува преседан, туку сето тоа е дел од воспоставена практика што со децении се користи кога официјалните дипломатски канали не успеваат да го отклучат патот кон решение.
– Затоа, многу поважно од тоа каде и како се водат разговорите е дали на крајот ќе резултираат со решение што ќе обезбеди сигурен, предвидлив и достоинствен европски пат за Македонија. Кај нас скепсата околу тајната дипломатија е поради искуствата со Преспанската спогодба и со францускиот предлог. Се водеше тајна дипломатија за овие прашања, но тогашната власт одлучи тајновитоста да ја остави докрај, што не е цел на ниту една тајна дипломатија бидејќи јавноста мора во одреден момент да биде запознаена со процесот и да учествува во него – нагласуваат дипломатите.

Доверливоста има смисла само во првата фаза од процесот

Понатаму, тие посочуваат и дека токму доверливите разговори овозможуваат да се испита дали постои заеднички именител врз кој подоцна може да се изгради политички договор. На тој начин се создаваат предуслови за компромис што во поинакви околности би бил невозможен.
– Доверливоста има смисла само во првата фаза од процесот. Во моментот кога ќе почнат да се наѕираат контурите на евентуалниот договор и кога ќе се обезбеди поширока меѓународна поддршка за неговата реализација, процесот мора постепено да излезе пред јавноста. Особено кога станува збор за прашања што директно ја засегаат иднината на државата, неопходно е да се изгради и внатрешен политички и општествен консензус. Без таква поддршка, дури и најдобро осмислените дипломатски решенија тешко можат да бидат долгорочно одржливи. Секако, политичарите се избрани да носат одлуки и да преземаат одговорност, но истовремено имаат обврска да изградат доверба дека процесот е воден врз јасни принципи, со заштита на државните интереси и без скриени обврски. Само така конечниот договор, ако дојде до него, ќе биде прифатен како резултат на внимателно водена дипломатија, а не како документ што ќе отвори нови дилеми, поделби и резерви во македонското општество. Затоа, успехот на секоја тајна дипломатија на крајот не се мери според тоа колку долго успеала да остане „под радарот“, туку според тоа дали успеала да создаде решение што ќе добие и меѓународен и домашен демократски легитимитет.