Сеута и шпанската мигрантска криза повторно ја разголуваат најголемата слабост на ЕУ
- Секој нов мигрантски бран ја отвора истата стара европска рана. На хартија, Европската Унија е простор на солидарност, заеднички вредности и единствен пазар без граници. Меѓутоа, во пракса, токму во моменти на најголеми кризи се покажува дека начинот на Европската комисија (ЕК) за потиснување на националните интереси на земјите членки на ЕУ во втор план сѐ повеќе ги демаскира амбициите на либералните бриселски елити да ја централизираат Унијата, оддалечувајќи ја од изворните принципи врз кои беше формирана Европската заедница
Последната ескалација околу шпанската енклава Сеута повторно ја стави на тест европската кохезија. Наместо единствен одговор, Брисел доби нова политичка пресметка меѓу земјите членки. Додека шпанскиот премиер Педро Санчез бараше европска солидарност, дел од европските лидери ја обвинија неговата влада дека со својата миграциска политика го охрабрува новиот бран нелегални миграции. Наместо координација, повторно доминираа меѓусебните обвинувања.
Писмото на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, до Мадрид, во кое таа некако без енергија изразува поддршка за Шпанија и повикува на европски одговор, претставува политички сигнал. Истовремено, тоа е и уште една потврда дека Европската Унија повторно реагира откако кризата веќе избувнала, наместо навремено да активира или барем да создаде механизми што би ја спречиле.
Политички декларации наместо европска стратегија
Проблемот не започна во Сеута. Тој трае повеќе од една деценија. Од мигрантската криза во Грција во 2015 година, преку постојаните пристигнувања на Лампедуза, до денешните случувања на шпанско-мароканската граница, Европската Унија практично функционира според ист шаблон. Следуваат вонредни состаноци, политички изјави, апели за солидарност и ветувања дека ќе се изгради заедничка миграциска политика.
Но кога ќе завршат самитите и камерите ќе престанат да снимаат, секоја држава повторно останува сама да се справува со последиците. Токму затоа денес Франција повторно воведува гранични контроли, Италија го ограничува движењето, Словенија ја контролира границата кон Хрватска, а Рим дури отвори центри за мигранти во Албанија. Тоа се национални решенија што јасно покажуваат дека довербата во европските механизми постепено се губи.
Шенген повеќе не е недопирлива вредност
Некогаш Шенген беше симбол на европската интеграција. Денес Шенген сè почесто станува првата жртва на секоја нова безбедносна или мигрантска криза. Предлогот Шпанија привремено да биде суспендирана од шенгенскиот простор (?!) можеби нема да биде реализиран, но самиот факт што таква идеја доаѓа од влада на една земја членка покажува колку е разнишана меѓусебната доверба.
Ова веќе не е спор само околу миграцијата. Станува збор за различно разбирање на европската солидарност.
Јужните држави очекуваат помош затоа што ја чуваат надворешната граница на Унијата. Дел од северните и централноевропските членки, пак, сметаат дека токму либералните политики на некои влади претставуваат фактор што дополнително ги привлекува мигрантите.
Така, наместо заедничко решение, Европа добива сè подлабока политичка поларизација.
Фронтекс не може да ја замени политичката одлука
Европската комисија повторно нуди финансиска поддршка, дополнително ангажирање на Фронтекс, Европол и на агенциите за азил. Но тоа не е суштината на проблемот.
Фронтекс може да помогне во надзорот на границите, но не може да одлучува кој ќе добие азил, како ќе се распределуваат мигрантите, како ќе функционираат враќањата или како ќе се постигне договор со земјите од кои доаѓаат мигрантите.
Тоа се политички одлуки што бараат консензус меѓу 27 држави, а токму таму Европската Унија најчесто се соочува со блокади. Оттука и впечатокот дека институциите во Брисел сè почесто управуваат со последиците наместо со причините.
Недовербата кон Брисел расте заедно со кризите
Не е случајно што секоја нова мигрантска криза дополнително ги засилува евроскептичните и национално ориентирани политички сили низ Европа.
Кога граѓаните гледаат дека секоја држава повторно ги затвора своите граници, дека нема единствени правила и дека кризите постојано се повторуваат, неизбежно се поставува прашањето колку навистина функционира европскиот модел на заедничко управување.
Токму затоа недовербата веќе не е насочена само кон националните влади туку сè повеќе и кон институциите во Брисел и Европската комисија, кои честопати оставаат впечаток дека имаат повеќе политички декларации отколку оперативни решенија.
Европа се наоѓа пред тест за кој не е подготвена и можно е пак да „падне на испитот“
Случајот со Сеута не е изолиран инцидент. Тој е уште едно предупредување дека Европската Унија се соочува со криза на доверба, а не само со мигрантска криза. Ако и овој пат одговорот остане сведен на писма, дипломатски пораки, вонредни состаноци и повици за солидарност, додека секоја држава продолжува сама да ги затвора своите граници и да бара сопствени решенија, тогаш поделбите во Унијата ќе стануваат уште подлабоки.
Европската Унија одамна знае што треба да направи, како на пример, ефикасна заштита на надворешните граници, единствен систем за азил, побрзи процедури за враќање на лицата без право на престој и вистинска распределба на одговорноста меѓу државите членки.
Но навистина прашање е дали постои заедничка политичка волја тие конечно да бидат спроведени. Зашто секое ново одложување не ја слабее само европската миграциска политика – ја слабее довербата во самиот европски проект. Р.С.































