Додека Брисел војува во Украина, Дунав пресушува
- Понекогаш една река знае да испрати посилна политичка порака од сите самити на Европскиот совет. Ова лето токму Дунав испрати таква порака. Додека европските лидери продолжуваат да ја мерат својата политичка тежина преку геополитички позиции и воени стратегии, природата безмилосно ги разобличува вистинските приоритети
Во срцето на Европа, нуклеарната централа „Пакш“ во Унгарија е принудена да го намалува производството бидејќи Дунав веќе не обезбедува доволно вода за ладење на реакторите. Не затоа што технологијата потфрлила. Не затоа што недостига нуклеарно гориво. Туку затоа што една од најголемите европски реки полека ја губи својата сила. И тоа некој го толкува како силна метафора за состојбите на лидерите и институциите на ЕУ во Брисел.
Природата ги менува правилата
Европа со децении ја градеше својата безбедност врз претпоставката дека природните ресурси се стабилни, дека реките секогаш ќе течат, дека електроцентралите секогаш ќе произведуваат, а земјоделството ќе ги надмине климатските циклуси. Денес ниту една од тие претпоставки повеќе не е сигурна.
Цикличните климатски промени веќе не се научни предупредувања за идните генерации. Тие се секојдневна (политичка) реалност. Пожари што голтаат цели региони. Поплави што уништуваат инфраструктура. Суши што ги празнат акумулациите. Реки што повеќе не можат да ја ладат енергетската инфраструктура на која почива европската економија. Кога природата почнува да ги нарушува темелите на енергетскиот систем, тогаш најголемата европска безбедносна закана повеќе не може да се дефинира само преку „поддршка, па и водење војна во Украина“!?
Каде ја троши Европа својата политичка енергија?
Во последните години Европската Унија мобилизира огромни финансиски, политички, дипломатски и воени ресурси за војната во Украина. Тоа е стратегија чија цена станува сè потешка за европските општества.
– Брисел денес не инвестира доволно во заканите што директно ги чувствуваат неговите граѓани. Војната во Украина не е приоритет. Таа е нечија болна амбиција. Брисел ги игнорира вистинските опасности по своите граѓани. Тоа се рекордните сметки за електрична енергија. Деиндустријализација. Инфлација. Губење на конкурентноста. Криза во земјоделството. Недостиг од вода. Колапс на делови од критичната инфраструктура. Ова не се сценарија за некоја далечна иднина. Тоа е Европа денес – го започнува дијалогот наш соговорник од Брисел, кој е на кус престој во државава.
Војните завршуваат, климатските кризи остануваат
Историјата покажува дека секоја војна, порано или подоцна, завршува на преговарачка маса.
– Еве, да го приближам мојот став и пластично ќе опишам што сакам да кажам. Природата не преговара. Таа не признава санкции. Не гласа во Европскиот парламент. Не прави компромиси. Таа едноставно ги испорачува последиците. Токму затоа, покрај напорите за безбедност, Европа има интерес да вложува и во дипломатски решенија што ќе овозможат прекин на војната и постепено намалување на товарот што долготрајниот конфликт го создава врз европските економии и општества. Мирот не е знак на слабост. Тој е предуслов ресурсите повторно да се насочат кон зајакнување на отпорноста на самата Европа – вели нашиот соговорник, критикувајќи ги лидерството на актуелен Брисел и тежиштето ставено на милитаризацијата на Европа.
Ни треба нова европска агенда
– На Европа денес не ѝ недостигаат стратегии. Не ѝ недостигаат институции. Не ѝ недостигаат регулативи. Она што сè повеќе недостига е политичко лидерство способно да ги препознае заканите на XXI век. Следната голема европска инвестиција не смее да биде само во вооружување. Таа мора да биде инвестиција во енергетска стабилност, во модерни електроенергетски системи, во управување со водните ресурси, во заштита на земјоделството, во нови технологии, во климатска адаптација, во цивилна заштита.
Во инфраструктура што ќе може да ги преживее екстремите што веќе стануваат новото европско секојдневие – нагласува нашиот соговорник, вработен во високата администрација на ЕУ во Брисел.
Европа мора повторно да стане проект на животот
– Европската Унија е создадена како мировен проект, како идеја дека човечкиот развој, економската соработка и заедничкиот просперитет се најсилната гаранција за стабилност. Денес таа идеја има потреба од нова содржина. На европските граѓани не им треба само чувство дека се безбедни од надворешни закани. Ним им треба сигурност дека ќе имаат струја кога температурите ќе достигнат 40 степени, дека ќе има вода, дека нивните фабрики нема да се затвораат, дека нивните ниви ќе раѓаат, дека нивните деца ќе живеат на континент што знае да се приспособува, а не само да реагира – вели тој со висока доза на критика.
Пораката на Дунав
Ова лето Дунав испрати предупредување што не смее да остане незабележано.
– Ако Европа продолжи најголем дел од својата политичка и економска енергија да троши на конфронтации, а недоволно на градење отпорност кон климатските, енергетските и економските предизвици, тогаш ризикува да ја изгуби битката што најдиректно ги засега нејзините граѓани.
На Европа ѝ е потребно лидерство што ќе ги препознава проблемите пред тие да прераснат во кризи. Лидерство што нема да живее од создавање нови конфликти, туку од создавање нови решенија. Затоа што најголемата сила на една цивилизација не се мери по тоа колку долго може да води војни, туку по тоа колку мудро знае да го зачува животот. Дунав веќе го кажа своето.
Сега е ред на Европа – поентира на крајот на нашиот разговор соговорникот, кој кусо престојуваше во Скопје, а живее и работи во Брисел, и кој отворено зборуваше за политиките на Европската комисија, во која не препознава лидерство какво што заслужува Европа. Р.С.
































